Европската комисија предложи зголемување на буџетот на ИПА фондовите за Западен Балкан

од Stefanija Kuzmanovska

Европската комисија предложи зголемување на ИПА фондовите во долгорочниот буџет на ЕУ за поддршка на европската интеграција во регионот и најави дополнителни инвестиции за намалување на јазот помеѓу земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство, пренесува „N1“.

На 14,5 милијарди евра – на толку би можеле да сметаат земјите од Западен Балкан и Турција, ако новиот предлог на Европската комисија добие зелено светло. Ова е зголемување за 13 проценти во однос на претходниот седумгодишен период.

Покрај тоа, Европската комисија предлага земјите од регионот да добијат пристап и до Европскиот фонд за одржлив развој од скоро 100 милијарди евра.

Но тоа не е сè. Исто така беше предложено моменталниот буџет на ЕУ за земјите од Западен Балкан, но и други земји од таканареченото јужно и источно соседство, да обезбедат уште една милијарда евра, кои треба да бидат достапни пред крајот на оваа година.

Парите се наменети да ја поддржат финансиската стабилност на регионот, да помогнат на економијата и да создадат услови за економски раст и да создадат нови работни места во регионот по кризата.

Инаку, според предлогот на Европската комисија, вкупниот буџет на ЕУ за периодот 2021-2027 година, заедно со Инструментот за опоравување, би требало да изнесува 1.850 милијарди евра.

Слични содржини