Европската унија добива своја разузнавачка служба?

од Vladimir Zorba

На Европа и треба тело кое ќе собира информации за заканите кои доаѓаат надвор од ЕУ, доколку сака да биде важен глобален играч, објави во саботата „Вечерњи лист“.

Европската унија мора да има своја разузнавачка служба и свој разузнавачки апарат ако сака да биде глобален играч, вели шпанскиот европратеник Начо Санчез Амор, кој припаѓа на Клубот на претставници на прогресивната алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент.

Шпанскиот европратеник објасни за Euractiv дека Унијата треба да развие сопствени разузнавачки способности за да има веродостојни информации за можни надворешни закани.

Ваков предлог подготвува и Европскиот парламент, а на него работи Санчез Амор, кој ги испитува можностите за зголемување на капацитетот за собирање такви информации за европската дипломатска служба.

Не станува збор за внатрешната безбедност на Унијата, а со тоа и за внатрешната разузнавачка служба, имајќи предвид дека секоја членка има внатрешна разузнавачка агенција, која соработува и разменува информации, туку само за надворешната служба која има за цел собирање информации за заканите кои доаѓаат од надвор од ЕУ и која е тесно поврзана со европската служба за надворешни работи.

Во моментов Унијата има Центар за разузнавачка анализа под одговорност на актуелниот висок претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кој по преземањето на функцијата пред две и пол години амбициозно најави дека сегашната Европска комисија ќе биде „Геополитичка комисија “, а Унијата глобален актер.

Сепак, најавите на Борел не се остварија. Унијата сè уште нема своја армија, ниту пак автономна разузнавачка служба.

Центарот за анализа на разузнавањето засега произведува само разузнавачки проценки засновани на разузнавачки информации, но во моментов телото нема можност самостојно да собира разузнавачки информации, туку се потпира на информации обезбедени од членките на ЕУ, пишува „Вечерњи лист“.

Слични содржини