Европскиот парламент одбележува 70 години постоење

од Stefanija Kuzmanovska

Европскиот парламент утре ќе одбележи 70 години од одржаната прва седница во 1952 година, тогаш како скромно, главно советодавно тело на претходникот на Европската унија, Заедницата за јаглен и челик.

Тоа е само една од низата свечености планирани за оваа пригода од септември оваа година до летото 2023 година.

Церемонијата со воведен говор на пленарната седница ќе ја отвори претседателката на ЕП Роберта Мецола, а по неа француската премиерка Елизабет Бурн и премиерите на Белгија и Луксембург Александар де Кроа и Ксавиер Бетел.

Има три земји кои се и домаќини на парламентот. Главното седиште е во Стразбур, каде што се одржа првото заседание на 10 септември 1952 година. Во Брисел повремено се одржуваат придружни и комисиски состаноци, а секретаријатот на парламентот е во Луксембург.

Европскиот парламент беше формиран како Заедничко собрание на Заедницата за јаглен и челик и имаше 78 национални претставници кои беа делегирани од шесте земји-членки на таа заедница.

Денеска во сегашното свикување има 705 пратеници кои се избираат на непосредни избори во целата ЕУ.

Слични содржини