Европскиот парламент подготвува резолуција за борбата против олигарсите во ЕУ

од Milan1

Олигарсите и нивните мрежи се однесуваат како држави во држава, а нивното влијание во ЕУ „порасна до невидени размери во последните години“, се вели во извештајот на Комитетот.

Европската комисија мора да ја интензивира борбата против олигарсите и нивните структури во земјите на ЕУ, посочуваат пратениците од Европскиот парламент во извештајот на Комитетот за контрола на буџетот.

Олигарсите и нивните мрежи се однесуваат како држави во држава, а нивното влијание во ЕУ „порасна до невидени размери во последните години“, се вели во извештајот на Комитетот чија резолуција за борбата против олигарсите ќе гласа пред европратениците кон крајот на март.

Според бриселскиот портал ЕУ обзервер, потегот на Европскиот парламент да ја охрабри извршната власт на ЕУ да се справи со корупцијата во блокот дојде истиот ден кога трансатлантската парламентарна алијанса против клептократијата, вклучително и пратеници и членови на американскиот Конгрес, повика на санкции против корумпирани поединци во Унгарија.

Извештајот, исто така, доаѓа пред одлуката на Европскиот суд на правдата (ЕСП) следната недела за нов инструмент кој ќе му овозможи на блокот да ги суспендира средствата за земјите-членки во случај на прекршување на владеењето на правото.

Таа одлука би можела да и дозволи на Европската комисија да ги блокира фондовите на ЕУ за Будимпешта и Варшава.

Во извештајот на Комитетот на ЕУ се наведуваат примери, вклучувајќи го и примерот на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш, кој во документите на Пандора беше именуван за користење офшор финансирање за купување недвижен имот во Франција.

Ревизијата на ЕУ, исто така, откри дека Бабиш неправилно го контролирал својот прехранбен и земјоделски конгломерат, кој добивал субвенции од ЕУ.

Бабиш негираше каква било повреда.

Во извештајот, исто така, се споменуваат Бугарија, Чешката Република, Унгарија, Словачка и Романија како земји каде што нееднаквата распределба на земјоделските фондови на ЕУ е „многу проблематична“.

Резолуцијата за борбата против олигарсите ќе се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на крајот на март, наведува Еу обзервер.

Во таа насока, членовите на Европскиот парламент и членовите на американскиот Конгрес во меѓупарламентарната група за борба против корупцијата во четвртокот повикаа на санкции од ЕУ и САД против поединци во Унгарија.

„Клептократите не ги крадат само парите на даночните обврзници“, изјавија во заедничката изјава пратеникот на германските Зелени, Даниел Фројнд и американскиот пратеник Том Малиновски, „Тие, исто така, систематски ја загрозуваат иднината на нашите демократии“, додаваат тие.

Даниел Хегедуш, соработник на германскиот Маршалов фонд во Берлин, изјави дека извештајот на парламентарната Комисија за буџет е уште еден знак дека парламентот е водечка институција во ЕУ во борбата против корупцијата.

Но, „само парламентот не може да го трансформира политичкиот пејзаж во ЕУ“, предупреди Хегедус.

Парламентот, исто така, се закани дека ќе ја тужи ЕК пред суд затоа што не реагирала против Полска и Унгарија поради владеењето на правото и корупцијата.

Слични содржини