Европскиот центар за контрола и спречување на болести со сериозно предупредување: Летото веројатно нема да го запре коронавирусот

од Nikola Popovski

Летните температури веројатно нема да го запрат ширењето на коронавирусот, а доколку вирусот продолжи да се шири со сегашната стапка, наскоро може да биде случај во повеќето земји-членки да нема доволно легла во единиците за интензивна нега, се вели во извештајот на Европскиот центар за контрола и спречување на болести (ECDC).

„Досега нема докази дека САРС-КоВ-2 ќе покаже изразена зимска сезонска состојба како другите коронавируси во Северната хемисфера“, се вели во извештајот.

Истражувањето не укажува на тоа дека вирусот ќе биде помалку опасен кога ќе се појави топлото и влажното времe.

Во извештајот се предупредува и на потребата од зголемување на капацитетот на здравствените системи, кои наскоро би можеле да станат дефицитарни доколку вирусот продолжи да се шири по оваа брзина.

„Анализите спроведени од ECDC покажуваат дека доколку пандемијата продолжи да напредува со сегашното темпо без силни контрамерки и зголемен капацитет на кревети за интензивна нега, постои голема веројатност дека во многу земји од ЕУ и Европската економска зона, потребата за интензивна нега ќе ја надмине постојниот капацитет “, се вели во извештајот.

Проценка на ризикот

Според сегашната состојба во која коронавирусот рапидно се шири во Европа, ЕCDC го проценува ризикот од сериозно заболување кај општата популација како „умерен“ и „многу висок“ за стари лица и заболени од хронични заболувања.

Ризикот дека капацитетот на здравствените системи ќе биде недоволен, се проценува дека е голем. Притоа, новите капацитети што се предвидени во многу земји не се земени предвид.

Препораки за ECDC

ECDC препорачува мерките за социјална оддалеченост да се применат, за да се одложи пикот на епидемијата и да се овозможи здравствениот систем да се подготви за зголемен прилив на заразени лица.

Миење на рацете и употреба на маски кај лица со респираторни симптоми може да помогне во забавување на ширењето на вирусот во заедницата.

Слоевитната примена на социјалната оддалеченост (изолација, карантин, затворање на работни места и образовни институции), ограничувањата во движењето и собирањето може да играат значајна улога во намалувањето на преносот во заедницата, под услов сите да ги почитуваат строго.

Пациентите со благи симптоми, особено оние кои не се изложени на ризик, можат да бидат третирани дома со упатства што треба да следат доколку симптомите се влошат. Исто така, се препорачуваат мерки за превенција од дома.

ECDC наведува, повикувајќи се на научни истражувања, дека коронавирусот може да преживее во воздухот до три часа, до четири часа на бакарни површини, до 24 часа на картон, и два до три дена на пластика и нерѓосувачки челик.

Слични содржини