Европските лидери бараат единство и нов модел на соработка во ОН

од Vladimir Zorba

Пред Генералното собрание на Обединетите нации, европските лидери го критикуваа колективниот неуспех да се спречи пандемијата на коронавирус.

Тие оценија дека е време за различни модели на меѓународна соработка.

Обраќањето на шефовите на држави или влади на 75-та годишна сесија на Генералното собрание на ОН, виртуелно за прв пат, со снимени говори, доаѓа во време на скок на заразении со коронавирус во многу региони, но особено во Европа, каде што некои од најмодерните болници во светот се пренатрупани.

Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека кризата предизвикана од пандемијата придонесе лидерите одеднаш да сфатат дека сите се дел од еден свет.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека пандемијата ја откри „слабоста на земјите кои сметаа дека се силни“.

„Тоа не поттикна сите во иста ненадејна битка, против еден заеднички непријател“, рече Мишел.

Кризата покажа слабост во рамките на Европската унија, која, како и ОН, беше основана во пепелта на Втората светска војна со цел да се спречат нови конфликти и да се поттикне соработката. Сепак, таа соработка не беше доволна оваа година.

Во рамките на ЕУ се водеа борби околу пристапот до медицинска опрема и вакцини, подигнати се бариери меѓу соседите за да се спречи ширењето на вирусот, а имало и спорови околу заеднички решенија за борба против коронавирусот.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте рече дека пандемијата треба да им даде на владите „можност за колективно повторно раѓање“.

„Оваа трагедија нè промени, но исто така даде можност за нов почеток кој зависи од нас“, рече Конте.

Скоро еден милион луѓе починаа како резултат на инфекција со вирусот во светот, а експертите сметаат дека реалниот број е многу поголем.

Како што расте бројот на нови случаи, европските земји повторно воведуваат карантин за посетителите од соседните земји.

Велика Британија и Шпанија воведуваат забрани за движење на локално ниво, а тенискиот турнир во Франција, Ролан Гарос, го ограничува пристапот до натпреварите.

Во исто време, пандемијата ги влоши изгледите за понатамошен економски раст во светот и го оштети концептот на мултилатерализам како целина, што европските лидери го следат долго време.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш рече дека е време Европа да ја „редефинира својата улога во светот“ и го критикуваше начинот на кој Светската здравствена организација (СЗО) ја води здравствената криза.

Другите водачи повикаа на зајакнување на овластувањата на СЗО и зголемување на финансирањето.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис повика на поголема меѓународна помош за мигрантската криза со која се соочува Грција, бидејќи другите членки на ЕУ ги затвораат вратите за бегалците кои стигнуваат до грчките брегови.

Во денешниот говор на Генералното собрание на ОН, британскиот премиер Борис Џонсон најави дека ќе ги повика државите да разменат повеќе податоци за епидемијата и да престанат да воведуваат контроли за извоз на основни производи, објави неговиот кабинет.

Џонсон планира да им каже на светските лидери дека по девет месеци пандемија, „самиот поим за меѓународната заедница се чини дека е истрошен“.

Поглаварот на Римокатоличката црква, Франциск, рече дека светот мора да направи избор бидејќи се обидува да излезе од здравствената криза и да се справи со големото економско влијание врз најранливите.

Тој избор е помеѓу поголема солидарност и мултилатерализам – од една страна и повлекување во поголем „индивидуализам и елитализам“ – од друга страна, рече папата Франциск.

Слични содржини