Блумберг ги објави првите детали од нацрт-договорот меѓу САД и Украина за минерали што треба да го зајакне американско-украинското партнерство и да придонесе за ставање крај на конфликтот со Русија. Украина е во завршна фаза од преговорите со САД за Вашингтон да добие дел од природните минерални ресурси на земјата, изјави денеска украинскиот вицепремиер Олха Стефанишина.
Двете страни беа ангажирани во интензивни преговори за договорот што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го гледа како дел од нејзиниот план да посредува за прекин на огнот во тригодишната руска војна против Украина. „Новиот нацрт е речиси договорен и Украина чека одговор од САД“, велат изворите.
Бурна средба
„Фајненшл тајмс“ објави дека не се одвивало сè без проблеми за време на преговорите за ретките минерали. Како што објавија, Зеленски се судри со Скот Бесент, секретарот за финансии на Трамп, на состанокот во Киев на 12-ти февруари поради предлогот во кој САД бараа 50 отсто од правата на ретките минерали.
Високи украински функционери открија за „Фајненшл тајмс“ дека Бесент побарал од Зеленски веднаш да го потпише договорот. Зеленски, според ФТ, му викал на Бесент. „Беше многу лут“, рекле украински функционери.
Зеленски одби да го потпише договорот, а подоцна, стоејќи покрај видно вознемирениот Бесент, им рече на новинарите дека Киев ќе го претстави предлогот на разговорите во Минхен.
Зеленски беше опишан како „многу лут“ за време на конфронтацијата со Бесент, а неговиот говор беше доволно гласен за да се слушне надвор од неговата канцеларија.
Според нацрт-договорот објавен од „Блумберг“, САД ќе се обврзат на „слободна, суверена и безбедна“ Украина и „траен мир“ како дел од договорот за ретките минерали. Исто така, ќе се согласат на „трајно партнерство“ меѓу Вашингтон и Киев и ќе ја сигнализира својата намера да инвестираат во Украина, се наведува во текстот.
„Позицијата на САД ќе биде дека оние кои делуваа негативно кон Украина во војната не треба да имаат корист од нејзиното обновување. Текстот на договорот не е финализиран и сè уште може да се промени“, нагласи изворот.
Претседателот Володимир Зеленски им рече на новинарите во неделата дека Соединетите Држави се откажале од барањето Киев да се обврзе да плати 500 милијарди долари од експлатацијата на ретките минерали во фонд како форма на отплата на американската помош. Зеленски ја оспори бројката, велејќи дека е поблиску до 90 милијарди долари и инсистираше на тоа дека американската воена поддршка мора да биде дел од каков било договор.
„Преговорите беа многу конструктивни, со финализирани речиси сите клучни детали“, рече Стефанишина. „Се надеваме дека лидерите на САД и Украина ќе можат да го потпишат и поддржат во Вашингтон што е можно поскоро за да ја покажеме нашата посветеност во децениите што доаѓаат“, додаде таа.
По потпишувањето нови преговори за формирање заеднички фонд
„Се очекува да се преговара за дополнителен детален договор со кој ќе се утврди како ќе се формира и функционира фондот“, изјави друг извор. „Двете страни ќе работат на ова откако ќе се потпише сегашниот договор“, додаде тој.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент разговараше за контурите на потенцијалниот договор на телевизијата „Fox News“, велејќи дека САД можат да помогнат да се стави Украина на „пат за висок раст“. „Првиот дел од ова е партнерство меѓу Украина и САД, кое вклучува стратешки минерали, енергија и државни претпријатија, кои ги основавме и со нетрпение ги очекуваме“, рече Бесент.
Кој ќе ја гарантира безбедноста на Украина?
Наместо воена гаранција, САД нудат „гаранција за економска безбедност“, додаде тој. Зеленски претходно го отфрли американскиот аргумент дека американските компании кои работат во Украина сами по себе ќе послужат како форма на безбедносна гаранција.
„Украина инсистира на официјални американски безбедносни гаранции заедно со договорот за минерали и покрај тоа што Вашингтон ја отфрли таа опција“, тврди изворот. Но, администрацијата на претседателот Трамп досега повтори дека Европа ќе мора првенствено да се грижи за безбедноста на Украина.