„Фајзер“ и „Бионтек“ побараа одобрување за употреба на вакцината кај адолесценти

од Stefanija Kuzmanovska

Компанијата „Фајзер“ и нејзиниот германски партнер „Бионтек“ изјавија дека побарале од регулаторните агенции на САД да ја прошират итната употреба на вакцината против ковид 19 на адолесценти на возраст од 12 до 15 години.

Оние фармацевтски компании објавија во март дека за време на клиничките тестови, се утврдило дека вакцината е безбедна, ефикасна и дека произведува силен имунолошки одговор кај деца на таа возраст, потсетува „Гласот на Америка“.

Алберт Бурла, претседател и извршен директор на „Фајзер“, кон крајот на март рече дека се надева дека вакцинацијата на деца на возраст од 12 до 15 години може да започне пред почетокот на следната учебна година.

Вакцината на „Фајзер“/„Бионтек“ , која се дава во две дози, веќе е одобрена за употреба кај лица над 16 години. Одобрување за употреба на вакцината од страна на овие компании кај адолесцентите ќе биде побарано во наредните денови од регулаторните агенции на други земји.

Посочено е дека вакцината е ефикасна против симптомите на болеста во 91 отсто од случаите и дека нејзиниот ефект е уште поголем во спречување на посериозни болести.

Експертите сметаат дека вакцинацијата на деца од сите возрасти ќе биде клучна за запирање на пандемијата и постигнување колективен имунитет, а исто така ќе помогне училишните часови, барем во повисоките одделенија, да започнат да изгледаат понормално по повеќемесечни нарушувања.

Слични содржини