Фајзер и Бионтек побараа одобрување за вакцините против Ковид 19 за адолесценти

Американската фармацевтска компанија Фајзер и нејзиниот германски партнер Бионтек во петокот побараа од регулаторната агенција на САД одобрување за итна употреба на нивната вакцина Ковид 19 и за адолесценти на возраст од 12 до 15 години.

Оваа вакцина во моментов има одобрение за итна употреба во САД кај лица од 16 години и постари. Компаниите во петокот објавија дека побарале продолжување на одобрувањето од американската Администрација за храна и лекови на помлада популација.

Уште во март, компаниите објавија дека клиничките испитувања покажаа дека нивната вакцина е безбедна, ефикасна и произведува силни антитела кај адолесценти на возраст од 12 до 15 години.

Не е познато колку долго регулаторот ќе треба да ги прегледува податоците за клиничко испитување.

Директорката на Центрите за контрола на болести на САД, Рошел Валенски, за ABC News во четвртокот изјави дека очекува вакцината за таа возрасна група да биде одобрена до средината на мај.

Модерна и Џонсон и Џонсон исто така спроведуваат испитувања на нивните вакцини против оваа болест кај деца на возраст од 12 до 18 години, а податоците од клиничките испитувања на Модерна ќе бидат објавени наскоро

Фајзер и Модерна веќе започнаа испитувања на уште помлади деца, на возраст од 6 месеци до 11 години. Двете компании изјавија дека се надеваат дека ќе можат да вакцинираат деца на возраст под 11 години на почетокот на 2022 година.

Вакцинацијата на деца и млади според многу експерти е клучен чекор кон постигнување на имунитет на стадо и борба против пандемија.

Фајзер и Бионтек исто така најавија планови да побараат одобрување од други регулатори низ целиот свет во наредните денови за користење на нивната вакцина за адолесценти на возраст од 12 до 15 години.

Слични содржини