Фаучи: Одлука за „Џонсон и Џонсон“ до петок

од Vladimir Zorba

Вакцината „Џонсон и Џонсон“ против Ковид-19, чија употреба е суспендирана во Соединетите држави, треба повторно да се користи, со можни ограничувања, а одлуката треба да биде објавена до петок, изјави денеска медицинскиот советник во Белата куќа, Ентони Фаучи.

„Не мислам дека паузата ќе трае подолго од петок. Веројатно ќе имаме одлука“, изјави Фаучи за „ABC News“, зборувајќи за група експерти кои треба да се состанат наскоро за да разговараат за потенцијалната врска помеѓу вакцината и формирањето на тромбовите.

Тој изрази уверување дека вакцинацијата ќе продолжи, со можни ограничувања поврзани со возраста или полот, или едноставно со предупредување.

Вашингтон ја прекина употребата на вакцината во вторникот со цел да се спроведе истрага за шест жени во САД кои добиле сериозни тромбови во комбинација со мал број на тромбоцити по вакцинацијата.

Експертите за прв пат се состанаа во средата, кога се согласија дека им треба повеќе време да донесат одлука за употребата на вакцината.

Фаучи истакна дека згрутчувањето на крвта е многу ретка појава и објасни дека вакцинацијата е привремено прекината, така што експертите можат да ја разгледаат ситуацијата и да се уверат дека ги имаат сите потребни информации.

Слични содржини