Фаучи: Ситуацијата во САД е сериозна, веднаш нешто треба да се преземе

од Aleksandar Petrovski

Американскиот стручњак за инфективни заболувања, Ентони Фаучи изјави дека сегашната состојба со ковид-19 во Соединетите држави е „сериозна“ и дека мора да се стори нешто веднаш.

Фаучи рече дека Соединетите држави сè уште се „длабоко во првиот бран на пандемијата“ и дека бројот на пациенти никогаш не бил доволно мал, како што било планирано.

Тој ја спореди тековната состојба со она што се случува во Европа, каде што по отворањето се зголеми бројот на пациенти, но отворањето се случи дури откако бројот на пациенти доволно падна и го помина пикот на инфекцијата.

„Никогаш не сме го намалиле доволно бројот на пациенти и сега повторно расте. Ситуацијата е сериозна и треба да се направи нешто веднаш“, рече Фаучи, пренесува Ројтерс.

Бројот на пациенти ширум САД постојано расте и е скоро двојно поголем од пред еден месец.

Во 40 од 50 држави во САД, бројот на пациенти расте, а болничките капацитети полека се пополнуваат.

Три најголеми американски медицински здруженија – Американското медицинско здружение, Здружението на медицински сестри и Здружението на болници – апелираа во јавно писмо до Американците да носат маски, да одржуваат растојание и да ги мијат рацете.

Здруженијата ја нарекоа пандемијата „најлоша здравствена криза со децении“ и оценија дека превентивните мерки се напуштени пред време.

Началникот на канцеларијата на Трамп, Марк Медоус, изјави за Фокс њуз дека администрацијата им оставила на гувернерите и локалните власти да одлучат какви мерки треба да се преземат.

„Носењето маски зависи од место до место, но нема наредба на ниво на целата земја“, рече Медоус.

Во Флорида, една од државите каде што во последниве денови се регистрираат и до 10.000 пациенти, рестораните и спортските сали повторно се затворени. Плажите беа затворени за време на изминатиот празничен викенд, но истите ќе се отворат во вторник, пишува ВОА.

Гувернерот на Западна Вирџинија, каде дневно се регистрираат 30 проценти повеќе пациенти, им нареди на сите на возраст над девет години да носат маски во затворено.

Во Соединетите држави повеќе од 130.000 луѓе починале од ковид 19, а повеќе од 2,9 милиони се заразени.

Слични содржини