Фаучи: Треба да бидеме полиберални во однос на носењето маски во затворено

од Vladimir Zorba

Д-р Ентони Фаучи, главен медицински советник за пандемијата на американскиот претседател Џо Бајден, познат како поборник за сузбивање на епидемијата на коронавирус, во неделата изјави дека е подготвен да размисли за олеснување на правилата за носење заштитни маски во затворени простории затоа што, како што вели, се повеќе Американци се вакцинирани против коронавирус.

Водечкиот американски епидемиолог го рече ова само два дена откако Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) уште еднаш ги истакнаа опасностите од пренесување преку воздухот на Ковид-19.

– Може да се заразите дури и да сте оддалечени повеќе од шест метри од веќе заразено лице – предупреди Центарот во петокот. Да потсетиме, тие претходно истакнаа дека повеќето луѓе се заразиле со Ковид преку близок контакт наместо преку пренесување преку воздух (капки).

„Нашата стапка на вакцинација се зголемува и треба да започнеме да бидеме полиберални во однос на правилата за носење маски во затворено“, рече Фаучи, иако сè уште се пријавуваат 43.000 нови случаи на инфекција со коронавирус секојдневно во САД.

„Тој број мора да биде многу, многу помал“, рече тој.

Во моментов, повеќе од една третина од населението во САД е целосно вакцинирано – повеќе од 112 милиони луѓе – а други 40 милиони ја примиле првата доза на вакцината, пишува „The New York Times“.

Д-р Фаучи верува дека Америка е подготвена за полиберални мерки, а со него се согласува и д-р Скот Готлиб, поранешен шеф на Администрацијата за храна и лекови.

„Поблаги ограничувања, барем кога станува збор за заштитни маски, се можни во средини за кои се знае дека имаат високо ниво на вакцинација“, рече неодамна Готлиб.

– Како што одиме напред со кампањата за вакцинирање и како што повеќе луѓе вакцинираат, се поверојатно е спроведувањето на послободни мерки. Центрите за контрола и превенција на болести ќе ги ажурираат своите препораки и упатства во реално време, но да, треба да започнеме да бидеме полиберални затоа што вакцинираме сè повеќе луѓе – рече др. Фаучи.

Центарот сè уште препорачува носење маски, а тоа се однесува дури и на вакцинирани лица, но на многу места во земјата е јасно дека нивните упатства не се следат.

– Сите сме уморни од маски, но светлината на крајот од тунелот станува сè посилна и посветла. Стигнавме таму. Но, во меѓувреме – да бидеме внимателни. Сигурен сум дека со текот на времето, вакцинираните ќе добијат привилегија да ги симнат заштитните маски. Наместо да постигнеме имунитет на стадо, наш приоритет мора да биде да имунизираме најмалку 70 проценти од Американците. Ова ќе обезбеди намалување на ширењето на инфекцијата, хоспитализациите и смртните случаи, рече Џефри Зиентс, координатор за коронавирус на Бајден.

Да потсетиме, претседателот на Соединетите држави побара 70 проценти од Американците да примат барем една доза на вакцина до 4 јули.

Слични содржини