ФБИ ги декласифицираше документите за „бегството“ на Хитлер во Аргентина

од desk2

Иако изворите на ФБИ ги идентификувале локалните службеници кои наводно му помогнале на Адолф Хитлер да најде прибежиште во Аргентина, службеници на ФБИ кои ги истражуваа ваквите тврдења сметаат дека „нема доволно информации што ја поддржуваат ваквата приказна“.

Купот декласифицирани документи на ФБИ што се обемно редактирани, откриваат дека во 1945 година Федералното биро за истрага добило „дојава“ дека лидерот на Нацистичка Германија Адолф Хитлер наводно им побегнал на победничките сили на Алијансата со подморница и дека се крие во Аргентина.

Според информациите од „дојавувачите“ што потоа ФБИ ги пренасочиле кон военото разузнавање, Хитлер стигнал во јужноамериканската земја со уште 50-тина луѓе, најверојатно високи нацистички службеници и нивните семејства, а потоа „се криеле во ридовите во јужниот дел на Андите“.

Изворите на ФБИ исто така тврделе дека додека патувал до Аргентина, Хитлер боледувал од чир и астма и дека тогаш ги избричил неговите карактеристични мустаќи.

Изворите исто така идентификувале шестмина аргентински службеници кои наводно им дале засолниште на Хитлер и неговата придружба.

Досиејата исто така покажуваат дека службениците на ФБИ кои работеле на извештајот се сомневале во веродостојноста на тврдењата на изворите и нагласиле дека „нема доволно информации што ја поддржуваат ваквата приказна“ и исто така укажале дека „ќе биде невозможно да се продолжат напорите да се лоцира Хитлер со оглед на скудните информации што ги имаат на располагање“.

По падот на Третиот рајх се појавија бројни теории на заговор, како оние во кои се тврдеше дека Хитлер го преживеал падот на Берлин и дека побегнал во тајно нацистичко скривалиште во Јужна Америка, па дури и на Антарктик.

Ваквите гласини беа подгреани од фактот дека истакнати насцистички воени криминалци како Адолф Ајхман, еден од архитектите на Холокаустот, и докторот од Аушвиц Јозеф Менгеле, навистина успеаја да побегнат во странство и да се кријат таму. Некои од нив успеаја да останат скриени и да избегнат апсење до крајот на животот.

Слични содржини