ФБИ ја заплени веб-страницата на Sky телефоните, кои ги користеше и Беливук

од Vladimir Zorba

Федералното биро за истраги (ФБИ) ја блокираше и заплени веб-страницата на Sky ECC, која продаваше шифрирани програми за таканаречените „Sky телефони“ на глобално ниво, што ги користеше и организирана криминална група на Вељко Беливук во Србија.

Шефовите на компанијата со седиште во Ванкувер беа обвинети од обвинителството во Сан Диего за „свесно и намерно учество во злосторничко претпријатие кое олеснува увоз и дистрибуција на дрога со употреба на шифрирани комуникациски уреди на компанијата, генерирајќи стотици милиони долари профит“.

Сајтот Sky ECC е запленет по наредба на судот во Јужна Калифорнија во заедничка акција на Обвинителството на Јужна Калифорнија, ФБИ, ДЕА, Меѓународна служба за приходи и други тела, наведуваат од ФБИ, при обид за пристап до оваа страница.

Федералните обвинители во Сан Диего, Калифорнија, поднесоа обвинение и издадоа потерници за основачот и извршен директор на Sky Global, Жан-Франсоа Еап и Томас Хердман, поранешен дистрибутер на Sky Global уредите.

Обвинението беше поднесено на крајот на минатата недела, откако, според канадските медиуми, пред десет дена, европските власти објавија дека извршиле бројни апсења и претресле бројни домови во Белгија и Холандија, како дел од „континуиран мониторинг на криминалната употреба“ на Sky ECC алатки за комуникација.

Во изјавата издадена во неделата вечерта, Еап ги нарече обвинувањата против него и неговата компанија „неосновани“ и рече дека е решен да го „расчисти“ своето име.

„Технологијата на Sky Global работи за доброто на сите. Таа не е создадена за да ја спречи полицијата да ги следи криминалните организациите; таа постои за да спречи некој да ја следи и шпионира глобалната заедница“, се вели во изјавата на Еап.

Според обвинението, кое го пренесоа канадските медиуми, Sky уредите се „специјално дизајнирани за да спречат полицијата активно да ја следи комуникацијата меѓу членовите на транснационалните криминални организации“.

„Како дел од своите услуги, Скај гарантира дека компаниите можат далечински да бришат пораки на нивните уреди доколку тој уред е законски запленет или на друг начин компромитиран“, се вели во обвинението.

Понатаму се наведува дека Компанијата ги оневозможува стандардните GPS, камера и Интернет можности на телефоните на клиентите и инсталира софтвер за криптирање кој им овозможува на корисниците да комуницираат едни со други во затворена мрежа, што ги насочува своите податоци преку шифрирани сервери лоцирани во Канада и Франција.

Обвинителите велат дека компанијата наплатува претплата што се движи од 1.200 до 2.000 долари за шест месеци.

Тие тврдат дека овие телефони биле користени за олеснување на движењето на илегални дроги, вклучувајќи хероин, кокаин и метамфетамин – низ целиот свет и дека компанијата користела дигитални валути, вклучително и биткоини, за да ги олесни нелегалните трансакции на веб-страницата, заштитувајќи ја анонимноста на членството и да се олесни перењето на незаконски стекнати профити“.

Слични содржини