ФДА: Не сте коњи да се лечите со „ивермектин“ против ковид-19

од Берта Китинска

Антипаразитскиот лек „ивермектин“ кој најчесто се користи за животни, не треба да се користи за лекување или превенција од ковид-19, соопшти Агенцијата за храна и лекови (ФДА) на САД.

„Вие не сте коњ. Не сте крава. Сериозно, сите. Престанете“, порача во саботата ФДУ од својот официјален твитер-профил, со детално објаснување зошто лекот може да биде опасен за луѓето.

Ивермектинот, кој не е антивирусен лек, генерално се користи за лекување или спречување паразитски заболувања кај животните.

„Овие лекови за животни често се висококонцентрирани бидејќи се користат за големи животни како коњи и крави, кои може да тежат многу повеќе од луѓето. Таквите големи дози може да бидат многу токсични за луѓето“, се вели во соопштението на ФДА.

Агенцијата посочува дека пациентите што се предозирале со ивермектин може да доживеат гадење, повраќање, дијареа, низок крвен притисок, алергиски реакции, вртоглавица, проблеми со рамнотежата, напади, кома, па дури и смрт.

Предупредувањето следи откако Министерството за здравство на Мисисипи објави сличен извшетај, за зголемен број на лица кои користат „ивермектин“ со цел да не се разболат од ковид-19. Од вкупната бројка на лица кои го земале овој лек, 85 отсто се јавиле в болница поради благи симптоми како црвенило, гадење, болки во стомакот. Министерството вели дека меѓу симптомите се и невролошки проблеми и хепатитис.

Слични содржини