Федерер се збогува: „Апсолутен сон е да го одиграм последниот меч во кариерата со Рафа“

од Stefanija Kuzmanovska

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер во петок ќе стави точка на професионалната кариера на егзибицискиот Лејвер куп во Лондон и последниот меч во двојки ќе го одигра со својот голем ривал Рафаел Надал.

Швајцарецот и Шпанецот ќе го претставуваат европскиот тим во мечот против Светскиот тим, за кој во двојки ќе настапат Американците Џек Сок и Френсис Тиафо, а тој дуел е закажан за 21:30 часот.

„Не сакав целиот турнир да ми биде посветен на мене, ниту пак да се појавувам премногу. Затоа го прашав тренерот Бјорн Борг дали можам да играм само двојки во петок навечер. Апсолутен сон е да го одиграм последниот меч во кариерата со Рафа“, изјави Федерер.

За натпреварот се огласи и Надал.

„Ќе биде тешко, пред се за Роџер, но и за мене. Можеби најважниот играч во мојата тениска кариера заминува“, изјави Надал.

За Тим Европа ќе настапи и тенисерот Новак Ѓоковиќ.

„Одлично е што имаме шанса заедно да поминеме квалитетно време надвор од теренот. Имавме тимски вечери, разговаравме за тенис, спорт, живот… Сите сакаме да победуваме и во исто време добро да се покажеме поради збогувањето на Роџер“, изјави Ѓоковиќ.

Роџер Федерер својата тениска кариера ја завршува со 20 Грен слем трофеи, еден повеќе од Новак Ѓоковиќ и два повеќе од Рафаел Надал.

Швајцарецот во кариерата освои 103 титули.

Слични содржини