Фенербахче бара пари од навивачите за да ја покрие платата на Озил

од Stefanija Kuzmanovska

Фудбалскиот клуб Фенербахче ангажираше фудбалер чија плата делумно ќе се финансира од донации на навивачи, бидејќи не може да ги покрие сите трошоци поради натрупаните долгови.

Претседателот на Фенербахче, Али Кох, ги замоли навивачите да помогнат во финансирањето на платата на Месут Озил преку СМС кампања.

Искусниот 32-годишен фудбалер официјално парафираше договор со турскиот гигант до летото 2024 година, според кој треба да заработува околу четири милиони евра годишно.

Сепак, Фенербахче во моментов е оптоварен со големи долгови и ќе му треба помош при исплата на платата на Озил, што претседателот на клубот го потврди во изјава за „Дејли Меил“.

„Имаме барање до нашите фанови и партнери. Продолжете да не поддржувате, а ние зависиме и од вашата финансиска поддршка. На денот на потпишувањето на Озил, ќе ве замолам да го срушите рекордот испраќајќи СМС-пораки, кои ќе донираат пари во клубот. Може да се соберат 300.000, 500.000 или можеби дури и милион пораки. Оваа поддршка ќе ни значи“, рече првиот човек на Фенербахче, а СМС-пораката ќе чини 2,25 евра и се испраќа на бројот 1907, што ја симболизира годината кога е основан Фенербахче.

Како што беше најавено, тие веќе добиле 150.000 пораки за само еден ден.

Озил го раскина договорот со Арсенал вреден 400.000 евра неделно со цел да премине кај популарните „фенери“ како слободен агент, а како што пишува шпанскиот весник АС, новата неделна плата на Германецот со турско потекло ќе изнесува „само“ 75.000 евра.

Слични содржини