Фетаху за „Локално“: Албанија е зрела за претседател Македонец

од Nikola Popovski

Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) неодамна соопшти дека го предлага професорот и македонски општественик Кимет Фетаху за нов претседател на Албанија.

Според лидерот на партијата, Васил Стерјовски, предлогот е доставен до претседателката на парламентот, Линдита Никола, како и до координаторите на пратеничките групи на Социјалистичката партија, Таулант Бала, на Демократската партија, Енкелејд Алибеај, на Сојуз за промени, Фатмир Медиу, и до Месила Дода, координаторка на пратеничката група „За демократија и интеграција“.

Од МАЕИ велат дека Фетаху е почитувана личност во Албанија со професионален и личен интегритет, без политички товар и како аполитички кандидат е најсоодветна личност да биде новиот шеф на државата.

Во обид да дознаеме повеќе за амбициите и дел од неговите идеи, „Локално“ го контактираше Фетаху. Тој во разговор за нашиот медиум информира дека има многу позитивни оценки околу неговата кандидатура.

-Овој пат, никој од кандитатите за претседател на државата не ги истакнал етничката припадност или друга проблематика. Добив бројни пораки со поддршка на социјалните мрежи од граѓаните. Моето неодамнешно 30-минутно интервју за албанската телевизија „АБЦ Њуз“ доби голем број позитивни коментари и беше оценето како добра промоција, вели професорот.

Според него, општеството во Албанија е „зрело за политичар од различна етничка заедница да застане на врвна позиција во државата“.

– Во човекот заедно треба да има спој на граѓанство и етничката припадност. Иако во новиот Закон за малцинства, се поправени многу од непредвидените елементи од стариот закон, пак треба да се работи уште повеќе. Етничките заедници се дел од албанското општество и голем број од населението треба да има поголемо внимание од сите аспекти, констатира Фетаху.

Околу односот на албанската држава кон Македонците и нивните права, професорот појаснува дека има големи промени во споредба со минатото.

-Албанија во почетокот на 1990-тите години беше едно хомогено општество на Албанци. Македонците од Мала Преспа и Грците од Дробул се гледаа како единствени мали места каде беа концентрирани две признаени малцинства, Македонци и Грци. За кратко време се пријавија и други малцинства, како Власите, Црногорците, Египќаните и Бошњаците. Организирањето во друштва, здружение и политички партии го зголеми притисокот кон албанската политика и општество. Ден денес се присутни истите малцинства, но во нив треба повеќе да се гледа потенцијалот на внатрешната енергија за подобрување на нивните барања и човечки права, дециден е Фетаху.

Општественикот, меѓу другото, смета дека Албанија слабо вложува во подобрување на условите во кои живеат Македонците.

-Државата многу вети, а ние само чекаме. Во регионот Преспа се инвестира во инфраструктура, патишта и проектот на Националниот парк „Преспа“. Во областите Гора и Голобрдо нема остварени значителни инвестиции, информира Фетаху.

Албанија многу сериозна ја сфаќа иницијативата „Отворен Балкан“, додава Фетаху. Тој појаснува дека кај нашиот западен сосед на големо се расправа околу таа тема.

-Јасно е дека иницијативата е најдобра опција на балканските народи на нивниот пат кон ЕУ. Мислам дека дискусиите имаат за цел консолидирање на една реална платформа. Негодувањето и противењето на „Отворен Балкан“ за жал служат на политиките на опозициите, за да се факторизираат со цел да добијат „политички поени на нивно конто“, констатира Фетаху.

Професорот забележува дека Албанија и С. Македонија имаат искуства на патот кон ЕУ и жали за бугарското вето.

-Проблемите со Бугарија и Грција, Албанија ги реши за кратко време и без голема мака. Македонија потроши многу време на разговорите и решението со Грција. Се надевам ќе се најде начин да се решат и проблемите со Бугарија, без да продолжи нивното вето. Убеден сум дека Албанија и Македонија нема да се „уморат“ од нивниот евроатлантски пат, оценува Фетаху.

Професорот изрази благодарност на партијата МАЕИ, албанското општество како и многубројните етнички малцинства во државата и, но и благодарност до неговото семејство.

-На крај убеден сум и би сакал да имаме конзенсуален претседател на Албанија со добра визија кон Европската Унија, заклучува Фетаху.

Н.П.

Слични содржини