ФФМ официјално побара од УЕФА одложување на натпреварот со Косово

од Aleksandar Petrovski

Фудбалската федерација на Македонија официјално со допис до УЕФА побара одложување на натпреварот со Косово од полуфиналето во плејофот за пласман на Европското првенство, закажан за 26 март на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

Во дописот до Европската куќа на фудбалот, покрај проблемот со гледачите (забрана од македонската Влада за присуство на публика), ФФМ го потенцира проблемот со пристигнувањето на фудбалерите од македонската репрезентацијата, односно евентуалната изолација/карантин за одредени фудбалери кои би пристигнале од земјите со висок степен на присуство на коронавирусот.

– Токму поради овие вонредни причини, Фудбалската федерација на Македонија е во постојана и интензивна комуникација и со Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје и во целост се придржуваме кон нивните препораки, донесените мерки или забрани.  Исто така, по консултации со претставници на Фудбалските федерации на Грузија и Белорусија, една од двете држави кои беа одредени за домаќини на финалниот натпревар од Лига на нации на 31. март за пласман на ЕУРО 2020, неофицијалните информации велат дека е можно, репрезентацијата која би обезбедила пласман во финалето, да се соочи со одредени мерки на претпазливост за здравствена заштита при влез во една од државите. И во однос на ова, ФФМ, исто така е во постојан контакт со споменатите федерации и УЕФА, соопшти ФФМ.

Согласно последните препораки и забрани од Владата на Македонија за превенција од вирусот COVID-19, Комисијата за младински фудбал донесе одлука сите натпревари во младинските конкуренции и натпреварите од Детските лиги на ФФМ да се суспендираат во наредните две седмици, информираат од федерацијата.

Слични содржини