Fiat сопира со производство во Србија

од Vladimir Zorba

Fiat Chrysler Automobiles (FCA) престанува со работа во фабриката за склопување во Србија, поради недостиг на делови од Кина, како резултат на трговските ограничувања поврзани со коронавирусот.

Тоа е првиот производител на автомобили во Европа што го сопира работењето на постројките поради коронавирусот, но други се очекува да ги следат, бидејќи глобалните ланци на снабдување се нарушени.

Fiat ќе престане со производство на „Fiat 500L“ во својата фабрика Крагуевац, бидејќи му недостасуваат аудио системи и други електронски делови увезени од Кина, според извештаите на локалните медиуми. Компанијата се надева дека ќе ја продолжи работата подоцна во февруари.

FCA Srbija, заедничка структура на Fiat и српската влада, е најголем извозник во земјата откако новата фабрика, која чини 1 милијарди евра, започна со производство во Крагуевац во август 2012 година, по три години интензивна подготовка. Таа стана една од најмодерните капацитети на италијанскиот производител во светот и го произведува „Fiat 500L“, кој излезе во продажба на крајот на 2012 година.

Додека FCA беше првиот што објави прекин во Европа, Hyundai веќе го сопре производството во Јужна Кореја, а Nissan за два дена затвори еден од своите погони во Јапонија, исто така, поради недостиг на делови од Кина. Провинцијата Хубеи, која е во срцето на појава на коронавирусот, е главен производител на делови за возила.

ING предвиде претходно овој месец дека глобалната економија може да претрпи силен удар годинава како резултат на напорите за контрола на коронавирусот.

„Нарушувањето на синџирот на снабдување може да има домино ефект доколку се потрошат залихите на основните електронски компоненти од Кина“, велат аналитичарите на ING.

„И ова не е нужно привремено одложување. Коронавирусот потенцијално би можел да влијае на годишното ниво на светска трговија во 2020 година, бидејќи не е сигурно дека фабриките и логистиката ќе можат да ги пополнат и целосно да ги компензираат претходните одложувања со оглед на ограничениот капацитет. Доколку не успеат целосно да се опорават, глобалниот раст на трговијата ќе настрада во 2020 година“, се вели во соопштението.

Слични содржини