ФИФА: Инфантино ќе остане претседател до крајот на истрагата!

од Vladimir Zorba

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, може да остане на чело на таа организација и не треба да биде заменет и покрај тековната истрага, изјави светската куќа на фудбалот за „Асошиејтед Прес“.

Швајцарското специјално обвинителство започна истрага против Инфантино во четвртокот, заради неговите средби со швајцарскиот државен обвинител, кој спроведува широка истрага за корупција во фудбалот.

„Ништо не го спречува претседателот да ги извршува своите должности. Тој ќе продолжи со своите функции во ФИФА“, се наведува во изјавата доставена до АП.

Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, кој беше заменет во 2015 година и му беше забрането да учествува во фудбалот на кој било начин до 2021 година, го повика Етичкиот комитет на ФИФА да го суспендира Инфантино.

„Претседателот на ФИФА е предмет на кривична истрага од страна на швајцарските власти, но тој не е обвинет или виновен за ништо. ФИФА и нејзиниот претседател ќе продолжат да соработуваат целосно со швајцарските судски власти, сè додека не заврши истрагата“, изјави ФИФА.

Генералниот правобранител Мајкл Лаубер понуди оставка за случајот кој се фокусира на три состаноци што тој ги имаше со Инфантино во изминатите неколку години, вклучително и оној што не го откри и тврди дека не се сеќава.

„ФИФА е убедена дека на крајот од истрагата, ќе биде потврдено дека претседателот на ФИФА не сторил ништо лошо за време на исполнувањето на своите должности и средби со швајцарскиот државен обвинител“, се вели во соопштението на светската фудбалска организација.

Слични содржини