Филипче ги објави телефонските броеви на кои треба да се пријавите при сомнителни симптоми налик коронавирусот

од Vladimir Zorba

Министерот за здравство, Венко Филипче на својот Фејсбук профил ги посочи телефонските броеви на кои граѓаните може да пријават доколку имаат сомнителни симптоми налик коронавирусот.

Претходно тој изјави дека и вториот пациент е негативен на коронавирус. Се работи за лице кое по 6 дена престој во Дубаи пристигнало со лет во Скопје. Пациентот има инфлуенца тип Б.

Филипче соопшти и дека Инфективното одделение во штипската болница ќе биде по потреба просторија за изолација, а не за карантинско лекување.

На денешната владина седница пак беа донесени повеќе заклучоци и препораки за превенција и заштита на јавното здравје и здравјето на граѓаните од корона вирусот.

На седницата е утврден заклучок Министерството за здравство, да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.

Овој центар ќе воспостави тесна соработка со медиумите во земјата, и ќе има за цел да ги прибира сите релевантни информации и со цел навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на корона вирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот.

Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од Северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.

Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветна количина на заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од системот за Интегрирано гранично управување и за другите институции со цел заштита на персоналот.

Исто така, Министерството за здравство треба итно да набави соодветна количина сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.

Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, како и да организира едукативни часови за превенција од корона вирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје.

Меѓу заклучоците на Владата за превенција и за справување со опасностите, на граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во
другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот.

Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките.

Слични содржини