Филипче: 8 нови лица хоспитализирани на Инфективната клиника, тројца се на механичка поддршка

од Nikola Popovski

Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека добрата вест е што денеска се испишани 9 лица од Инфективната клиника, кои покажале негативни резултати на двете тестирања.

„8 од нив се од Дебар, а 1 од Скопје. Тие имаа полесна клиничка слика, пред двојното тестирање“, соопшти Филипче.

Тој додаде дека за жал има уште едно починато лице, 79-годишник од Дебар, кој на 23 март бил дијагоностициран со КОВИД-19.

„Во последните 24 часа имаме 8 нови случаи на коронавирус, кои се примени на Инфективната клиника, со тоа бројот се искачи на 47 пациенти. Од нив, тројца се на механичка поддршка“, изјави Филипче.

Тој информираше и дека Заводот во Козле ќе биде затворен во наредниот период, откако 8 медицински лица и двајца пациенти биле позитивни на корона вирус.

„Во однос на Институтот за физикална медицина. 46 вработени и 6 пациенти се тестирани. Позитивни се 8 медицински лица и двајца пацинети. Тестирани се уште 16 пациети. Во следниот период Заводот во Козле нема да работи, пациентите ќе се упатуваат во 8 Септември“, рече Филипче.

Министерот додаде дека има нов директор на Охридската болница, а тоа е хирургот Горан Балевски.

Според него, денес завршила инспекцијата на државниот санитарен инспекторат во врска со третманот на починатата пациентка од Струга.

„Се уште го чекаме увидот на лице место, се анализираа сите информации во врска со матичниот лекар, другите лекари и болницата, по што ќе објавиме. Ние сметаме дека има одредени пропусти“, заклучи министерот.

Слични содржини