Филипче: Бесплатен скрининг за новинарите и медиумските работници на Ковид-19

од Nikola Popovski

Министерот за здравство, Венко Филипче објави дека на денешната средба со Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), договорено е во наредните денови да се организира бесплатен скрининг за новинари и медиумски работници за Ковид-19.

„Во последниот период новинарите и медиумските работници кои известуваат на терен за активностите на учесниците во предвремените парламентарни избори, поради зголемениот обем на работа, се дополнително изложени на коронавирусот. Освен тоа, во ЗНМ беше пријавено дека во дел од националните медиуми има нови позитивни случаи на заразени новинари и медиумски работници, но и колеги кои се сомневаат дека се заразени. Скринингот ќе се спроведе во два дела“, напиша тој на својот Фејсбук профил.

Според него, првичната проценка треба да се опфатат најмалку 500 новинари и медиумски работници во првиот круг во период од 3 дена, а во зависност од исходот на ова соодветно ќе се планира временската рамка и начинот на спроведување на скринингот и во вториот круг.

„Ова ќе придонесе да се спречи ширење на болеста во овие редакции каде има поголем број на лица кои работат во исто време во ограничен простор. Поголемите редакции ќе добијат подетални информации во текот на утрешниот ден со цел да се направи соодветен распоред за спроведување на скринингот. За останатите помали редакции, дополнително ќе следат информации за скринингот по завршување на првиот круг“, соопшти Филипче.

Слични содржини