Филипче: Да дадеме поддршка и да оддадеме почит кон медицинските работници

од Берта Китинска

Министерот за здравство Венко Филипче изрази жалење за починатата медицинска сестра од болницата во Охрид, која ја загуби битката со Ковид-19.

-Со жалење ја примив веста, дека уште еден медицински работник ја изгуби битката со ковид-19, медицинска сестра од болницата во Охрид. Изразувам длабоко сочувство до семејството и колегите во болницата, напиша министерот.

Тој додава дека медицинските работници се на првата линија во битката со вирусот, ставајќи го сопственото здравје и живот, здравјето и животот на своите семејства во голем ризик.

– Да дадеме поддршка и да оддадеме почит кон нивната работа. Да ги почитуваме мерките за заштита бидејќи така се штитиме и себе и здравствените работници, порачува Филипче.

Од Општата болница Охрид денес информираа дека на 49-годишна возраст почина медицинската сестра Дијана Димоска вработена во охридската болница како последица на коронавирусот.

„Нејзината прерана смрт е голема загуба за нејзиното семејство и за сите нас. Загубивме професионалец, медицинска сестра со ведар дух и топлина. Омилена кај пациентите и кај вработените, велат од болницата.

Димоска својот професионален ангажман го започнала во 1993 година на одделот ОРЛ, потоа во невропсхијатриски оддел, а последните години била дел од тимот во одделението за интерни болести.

Слични содржини