Филипче: Да не дозволиме ситуацијата да се влоши сега кога имаме видливи резултати

од Берта Китинска

Министерот за здравство Венко Филипче повторно упати апел до граѓаните да избегнуваат  групирања за време на празниците  и да се почитуваат мерките за да не се влоши состојбата со вирусот.

-Новогодишните празници ќе ги поминам во кругот на семејството за да бидам пример за граѓаните. Да бидеме совесни и да не се групираме за претстојните празници.

Сега треба сите да ги почитуваме мерките и препораките и да сме свесни дека тоа е еден од механизмите со кои нема да дозволиме ситуацијата да се влоши сега кога навистина се изборивме и имаме видливи резултати.

Во изминатиот период евидентно е намалувањето на притисокот врз болниците и на бројот на новодијагностицирани. Завчерашниот ден е првиот ден кога на интерните клиники немало ниту еден нов прием на болни од ковид-19 вирусот. Бројките значајно се намалуваат. Значително се намалуваат новодијагноцираните на ден, се намалува факторот на преносливост и се намалува бројот на пациенти кои треба да се хоспитализираат.

Но, не се исклучува можноста да има некој минипик и понатаму како резултат на непочитувањето на мерките. Нашиот здравствен систем е подготвен да пресретне и следен бран. Верувам дека граѓаните ќе продолжат совесни да се однесуваат и дека ќе нема криза, но подготвени сме да пресретнеме таков бран. Затоа, апелирам до сите празнувајте одговорно и помогнете си на себе, на вашите најблиски, на здравствените работници, на сите нас!, вели Филипче.

Слични содржини