Филипче: Дадовме над 5.000 согласности за вработување во јавното здравство

од Nikola Popovski

Инвестицијата во јавното здравство ја почнавме пред две и пол години, со инвестирање пред се во луѓето и дадовме над 5.000 согласности за вработување, близу илјада лекари се вработија, над илјада медицински сестри, помошен технички персонал, понатаму се дадоа во четиригодишниот план над илјада специјализации и драго ми е што во оваа светска криза практично се виде дека е тоа вистинска инвестиција пред се во луѓето, но и во подобрувањето на условите, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче при посетата на болницата во Кичево.

Тој рече дека во повеќе здравствени установи се реновирани над 40 одделенија, клиники, а и болници. Оти се набавила медицинска опрема.

–  Што значи дека тоа е начинот на којшто се зајакнува јавното здравство. Сега со оваа пожртвувана работа на колегите лекари, на медицинските сестри тие покажаа и докажаа дека само со таква работа се одржува системот, докажаа дека тие се столбот во здравствениот систем, а здравствениот систем е еден од столбовите на државата. Отсекогаш било така, меѓутоа сега стана видливо, така што во таа насока ќе продолжиме и понатаму, нагласи Филипче.

Министерот за здравство, одговарајќи на новинарското прашање околу тоа дали одржувањето на изборите е некаков фактор за одредувањето на рестрикциите, нагласи дека изборите како што во ниту еден момент не биле досега фактор којшто влијаел на тоа какви рестрикции или попуштање на рестриктивна мерка ќе се препорача од страна на Комисијата за заразни болести не се ни сега.

– Никаков фактор којшто ниту се зема предвид кога се носат тие одлуки. Во таа смисла во овој момент нема никаква индикација да се прави дополнителна рестрикција на движењето со оглед на тоа што паѓа бројот на случаи. Веројатно дека уште помалку е дека таква мерка ќе се донесе, но доколку се случи да има ескалација апсолутно дека ќе се донесе рестрикција во движењето, можеби во некои делови на државата, можеби на територијата на цела држава. Засега таква индикација нема, рече Филипче.

Тој посочи дека секојдневно се следи ситуацијата со новодијагностицираните случаи.

– Овој период некаде практично осми-деветти ден по ред паѓа факторот на преносливот, што значи дека бројот на случаеви се намалува. Од минатата недела има помалку случаи отколку што тоа беше просек трите претходни недели, што значи дека постепено посебно во некои делови во Скопје спласнува ситуацијата. Има спорадични случаи во другите градови. Сето тоа се работи коишто ги земаме предвид кога ги евалуираме барањата во однос на организација и попуштање за некои сегменти на се уште рестриктивните мерки. Утрово беа претставници на организацијата ХОТАМ коишто побараа да се организираат свадби. Се разгледуваа протоколите коишто тие ги предлагаат, меѓутоа заеднички беше заклучено дека треба да помине уште најмалку една недела, што значи дека за една недела ќе се донесе соодветна одлука за организирање на свадбите, наведе Филипче.

Министерот за здравство ја поздрави иницијативата на Здружението на новинари за скрининг на медиумските работници.

Слични содржини