Филипче до здравствените работници: Не знаевте за одмор бевте насочени само кон едно – лекување на пациентите

од Берта Китинска

Министерот за здравство д-р Венко Филипче во своето обраќање на денешното доделување на благодарници за здравствените работници од Ковид-центрите нагласи дека иако медицинскиот кадар целосно се посвети на борбата со пандемијата во континуитет се вршеа сите итни прегледи и интервенции, а лекови и терапија обезбедуваме во континуитет за сите пациенти.

„Секој ден не ни беше борба само со корона, туку и организација на здравствениот систем, секојдневни контакти со колегите, консултации за пациенти, долги состаноци за координација, тешки одлуки и лични судбини кои секогаш допираат.. И потоа повторно нов ден пред нас…“, рече Филипче во своето обраќање.

Тој додаде дека сите здравствени работници покажаа високо ниво на професионалност, сплотеност и колегијалност и во ниту еден момент не потклекнаа под притисокот.

„Часови поминати во скафандери, секојдневно соочување и со болеста, и со смртта. Здравствените работници не се прашуваа дали сакаат да работат во ковид, дали се самохрани родители на малолетно дете, дали имаат ризик во семејството, дали ги загрозуваат своите најблиски со тоа што секојдневно се во допир со болеста. Вие, не знаевте за одмор, за оддишка, за викенд, слободен ден со семејството, пријателите, вие почитувани колеги знаевте само за едно, и бевте насочени само кон едно – лекување на пациентите. Светската пандемија наметна ново темпо на работа, а во неа здравствените работници немаат работно време“, истакна министерот Филипче.

Филипче уште додаде дека последните недели во континуитет се бележи пад на бројот на новодијагностицирани случаи и процентот на позитивни од тестирани, се намалува и бројот на хоспитализирани, а со тоа е спласнат и притисокот врз болниците и дека се надева дека овој тренд ќе продолжи.

„Патот по кој чекоревме заедно изминатиов период беше непредвидлив и тежок на секој нареден чекор, ви благодарам за поддршката и довербата која ја имав од вас, заедно реализиравме многу, на некои проекти дури ни пандемијата не можеше да им го попречи патот. Ви посакувам многу здравје, успех и да опстоите во понатамошните предизвици“, потенцираше министерот за здравство Филипче во своето обраќање на настанот на кој на директорите на клиниките им беа предадени плакетите за над 8.000 здравствени работници во земјата за нивното пресудно и исклучително важно учество справувањето со последиците од вирусот и епидемијата.

Слични содржини