Филипче: Хематологија ќе прерасне во регионален центар за лекување на пациентите со малигни заболувања

од Берта Китинска

Започнат е проектот за изградба на нов кат над постојаната Клиника за хематологија реализиран со финансиска поддршка од 800 илјади долари од Европската команда на Армијата на Соединетите Американски Држави. Со оваа инвестиција Клиниката ќе прерасне во регионален центар за лекување на пациентите со малигни хематолошки заболувања, ова денеска го соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

По овој повод, министерот за здравство Венко Филипче и амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз ја посетија Клиниката за хематологија.

„Многу работи се сменија откако почнавме да разговараме за овој проект. С Македонија стана дел од НАТО, станавме сојузници, доби покана од ЕУ за започнување на пристапниот процес, а се случи и пандемијата на ковид-19. Тоа што не се смени во сите овие години е заложбата на САД да работи со С Македонија за подобрување на здравствениот систем. Среќна сум што таа соработка се развива. Ќе продолжиме да работиме заедно не само за справување со пандемијата туку и за зајакнување на здравствениот систем, науката, технологијата во интерес на сите граѓани“, рече амбасадорката Брнз.

Директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска Ставридис посочи дека со помошта од САД ќе се надгради еден кат на клиниката и ќе се зголемат просторните капацитети. Со оваа донација, нагласи таа, се заокружува процесот на реновирање што заедно со веќе воведените нови и современи методи за лекување прави клиниката да прерасне во регионален центар за лекување на пациентите со малигни и хематолошки заболувања.

 

Слични содржини