Филипче најави нова коктел-терапија за ковид-пациентите од следната недела

од Nikola Popovski

Министерот Венко Филипче најави дека следната недела пристигнуваат 1500 пакувања со дози од нова коктел-терапија за пациентите низ болниците. Ваква терапија веќе се применува во САД, а појаснувањата се дека се работи за терапија која влијае на намалувањето на репликацијата на вирусот.

„Нова терапија има само една. Тоа е таа терапија на едно специфично антитело. Ја набавувавме преку заедничкиот систем за набавка на Европската Унија. Беше најавено дека ќе стигне во период од две недели, веројатно некаде следната недела треба да пристигне. Има специфична индикација кога се дава, на почеток на болеста, во раната фаза. Тоа е терапија која почна да се користи во САД и влијае на намалување на репликацијата на вирусот“, рече денес Филипче.

Лекот го произведува американската компанија „Регенерон“, а од нашето Министерство за здравство кажаа дека го
нарачале лекот во јануари годинава. Очекувањата беа лекот да стигне кај нас истовремено кога ќе биде на располагање на европските земји.

Интересно е дека со оваа коктел-терапија се излекува поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Слични содржини