Филипче: Не се откажуваме од вакцините преку Ковакс, но размислуваме и за кинеските вакцини

Сериозно се разгледува можноста да се набават во земјава и вакцини од кинеските производители „Синовак“ и „Синофарм“, а со кинеските власти преку амбасадата во земјава, веќе се остварено контактите, посочи Министерот за здравство, Венко Филипче во рамки на своето гостувсње на Тв Алсат.

„Чекаме детали во однос на договорот, цената и испораката и верувам дека до крајот на оваа недела сите овие детали ќе ги имаме. Сега не би сакал да зборувам за рокови, меѓутоа, суштината е во тоа што очигледно е дека производителите кои први успеаја да излезат на пазарот, а тоа е „Фајзер“, на пример, имаат проблем со капацитетот. Повеќе европски земји најавуваат и тужби поради неисполнување на договорите, Хрватска го прекинува процесот на имунизација и тоа е нешто што не тера да работиме буквално на сите полиња за да обезбедиме интегрален процес, без пауза од моментот кога ќе почне имунизација, секако, со сите овие безбедни вакцини“, посочи министерот Филипче.

Инаку, како што вели Филипче, проблем не би требало да претставува тоа што кинеските вакцини не се одобрени од Европската агенција за лекови.

„Сосема соодветни се документите, сертификатите што сите производители на вакцини ги имаат од своите матични земји. Во таа смисла, начинот на кој се евалуираат сите резултати од клиничките студии, процесот на изработка на вакцините, конкретно овие за кои зборуваме, е одлично познат на нашите експерти. Токму тоа го анализираа буквално за сите вакцини кои се сега на пазарот, така што, нема никаква административна пречка и, секако, дека нема сомнеж во нивниот квалитет“, додаде министерот.

Исто така, одговори и дека в петок е закажан состанок на кој ќе се биде презентирано и познато колкава количина и кога попрецино, вакцините обезбедени преку Ковакс-механизмот, од кои како што вели Филипче, не се откажуваме.

Инаку, најавата за можно набавување на вакцини од Кина доаѓа во услови на доцнење на испораката на вакцините на „Фајзер“ и на другите западни производители, за што некои држави членки на ЕУ најавија и судски спорови. Филипче вели дека се обидуваат да обезбедат количини од сите производители за кога ќе започне процесот на имунизација да нема пауза.

Слични содржини