Филипче: Обезноста кај починатото младо момче била сериозен ризик фактор, до крајот на неделава во функција и мобилната болница

од Nikola Popovski

Министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека дневно се користат од 200 до 300 тестови, при што бројот ќе се зголемува во текот на наредните денови.

„Ќе се вклучи и Ветеринарниот институт со 30 тестови и 3 приватни ординации исто со по 30 тестови. Веќе како објавив, во текот на наредниот период ќе имаме донација од 20 илјади тестови и плус 5000 тестови од една приватна лабораторија, која постепено ќе ги донира тестовите“, изјави министерот.

Во однос на починатото младо момче од Скопје, Филипче вели дека обезноста е еден сериозен ризик фактор во однос на дишниот капацитет и функционалниот капацитет на белите дробови.

„Обезните пациенти имаат многу повеќе потешкотии и потешко им иде процесот на лекување, без разлика што е причината, кога се на интезивна нега“.

За бројот на легла, тој изјави дека до крајот на неделава ќе биде готова и мобилната болница, која ќе придонесе со дополнителни 130 кревети, со претходните 110 легла од Инфективната клиника.

За пикот на заразата, тој го потврди претходниот негов став дека очекува да биде кон крајот на април, согласно типот на раст на бројот на пациенти и согласно мерките, кои се воведени.

Филипче и додаде дека поранешната директорка на Кожната клиника е пуштена на домашно лекување.

Дополнителната заменик-министерка Славјанка Петровска изјави дека деталите за кривичната пријава за осомниченото лице кое не ги почитувало препораките се очекуваат утре, како и точниот број на заразени лица по дополнителните анализи.

„Во однос на редиците и хаосот пред одредени банки, МВР не може да ангажира дополнителни полициски сили, но ќе преземе соодветни мерки и поднесоци против сите што не ги почитуваат мерките и препораките“, заклучи Петровска.

Слични содржини