Филипче: Опаѓа бројот на заболени иако имаме мали варијации, во овој момент имаме стабилна ситуацијa

од Берта Китинска

Министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето во „Утрински Брифинг“ на „Слободна ТВ“ изјави дека во текот на вчерашниот состанок разговарано е  за олабавување на некои мерки, но денеска  на состанокот ќе се финализира таа дискусија.

-Треба да се финализира целиот детален план и препораките за функционирање. Целокупниот материјал е спремен, но кога ќе се прецизира датумот ќе се дискутира денес. Ние направивме еден наш автентичен модел според карактеристиките на населението. Две држави не може да се споредат една со друга. Сметам дека направивме прилично успешен модел на борба со вирусот. Попуштање на мерките да биде само во одредени градови и региони е тешко да се препорача, бидејќи од самиот почеток имавме пристап на национално ниво. Попуштањето ќе оди така, изјави  Филипче.

Тој напомена дека олабавувањето на мерките е комплексен систем, и не е црно-бела ситуација кога нешто може да се имплементира, а после да се попушти.

– Кога ги димензионираме мерките и сега кога разговараме за нивно олабавување имам предвид дека станува за комплексен систем, а не за црно-бела ситуација кога нешто може да се имплементира, а после да се попушти. Станува збор за комбинација на мерки кои доколку се почитуваат ќе значи и намалување на трансмисијата на вирусот. Ние сме една од првите земји во Европа која препорача носење на заштитни маски, која доколку се почитува имаме сериозна шанса и покрај тоа што ќе препорачаме зголемена слобода на движење и скратување на полицискиот час, ќе имаме една од повеќето мерки која што ќе го спречи ширењето на вирусот, изјави Филипче.

Тој напомена дека одлично се справивме со кризата и дека се е добро координирано и организирано.

-Поставивме добра стратегија. Се водевме од бројките и науката. Дијагностициравме таму каде што е потребно. Ги заштитивме капацитетите на болниците. Немавме преполни болници. Ги избегнавме сценаријата од Италија и Шпанија. Сега ги гледаме резултатите од таа стратегија. Опаѓа бројот на заболени, иако имаме мали варијации. И во овој момент имаме стабилна ситуација, добри мерки и доколку граѓаните ги почитуваат се ќе се доведе во нормала. Се координираме и со соседите за начинот на отворањето на границите.Апелирав до граѓаните да не се собират масовно, било тоа дали се работи за верски објекти или не. Ова е борба во која учестуваат сите граѓани. Сите граѓани се дел од тимот и на лекари и на здравствени власти со кои што ја биевме оваа битка. Сега сме во одмината фаза на битката. Битно е борбата да продолжи, зошто само така ќе се задржи позитивен тренд и нема да се соочиме со повторно зголемување на бројот на пациенти, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Слични содржини