Филипче: Родителите на деца кои се во ризична група, може да бидат изземени од обврската да се вратат на работа

од Берта Китинска

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче, денеска во Владата на Република Северна Македонија се сретнаа со тројца родители, претставници на родителите кои ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство поради пандемијата со КОВИД-19.

Министерот Венко Филипче истакна дека секоја новодонесена мерка отвора нови прашања и дека мерките ќе трпат промени согласно новонастанатата ситуација и специфичните потреби на одредени родители.

„Со соодветна медицинска документација, родителите на деца кои влегуваат во ризична група, може да бидат изземени од обврската да се вратат на работа. Сепак, ќе нагласам дека најмалите деца имаат прилично висок имунитет и досега немаме случај на сериозно заболено дете од оваа популација“, истакна министерот Филипче.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ги увери родителите дека, согласно сондажите што ресорното министерство ги прави на терен, во градинките има многу слободни места за сите оние родители кои досега не ги запишале своите деца.

„Нашите инспектори будно ја следат состојбата на терен и ве уверувам дека ситуацијата е целосно контролирана. Исто така, упативме апел до родителите кои ги запишале своите деца во градинка, а не ги носат, да ги ослободат местата за родителите на кои ваквото згрижување им е неопходно. Овој процес понатаму треба да го следат и контролираат градинките и општините“, подвлече Шахпаска.

 

Слични содржини