Филипче: Се подготвуваме за полошо сценарио со Ковид 19 наесен

од Берта Китинска

Евентуалното полошо сценарио со вирусот Ковид-19 наесен би значело поголема концентрација на луѓе во затворени простории, дополнителен број на заболени од сезонски грип што може да доведе до пренатрупување на болниците со пациенти и тоа да не може да се изменаџира. Ова сценарио, како што вчера нагласи министерот за здравство Венко Филипче, би можело да се избегне, но доколку тоа не се случи, здравствените власти ќе го дочекаат подготвени.

Вториот бран на вирусот, според Филипче, бил резултат на непочитувањето на мерките за заштита. Тој смета дека мора да има санкции таму каде не се почитуваат мерките. Изминатиот период, како што рече, имаше потфрлања, не се контролирале луѓето и местата каде се организирале настани. И граѓаните мора да се свесни дека мерките треба да се почитуваат за да го заштитат сопственото и јавното здравје.

За секој еден пациент со Ковид-19, Филипче тврди дека е направено се што треба и во однос на стадиумите пред поставувањето на респираторна машина, и во однос на третманот додека се пациентите на респираторна машина.

Тој вчера соопшти и дека во следните недела до две ќе се знае дали од септември ќе почнат со работа градинките и училиштата. Веројатноста, како што рече, е голема, но да се усогласат сите протоколи.

Во земјава вчера беа регистрирани 113 нови случаи со Ковид-19. Од нив во Скопје-35 нови, Штип-23, Гостивар-15, Куманово-12, Битола-седум, Охрид-шест, Тетово-пет, Кочани и Демир Хисар по два, а Прилеп, Струга, Пробиштип, Македонски брод, Валандово и Виница по еден случај.

Починаа шест пациенти, три од Скопје, на 64, 22 и 83 годишна возраст, еден од Куманово на 72 години, еден од Струга 48-годишен и еден од Охрид на 75 годишна возраст. Дваесет и двегодишниот пациент од Скопје, како што соопшти вчера Министерството за здравство, имал Даунов синдорм. Тој во тешка општа состојба бил примен во болницата „8 Септември“ на 16 јули. Пет пациенти се починати во болнички услови, а еден вонболнички.

Оздравеа 259 пациенти од: Скопје-103, Штип-75, Тетово-31, Гостивар-19, Куманово-13, Свети Николе-4, Битола, Кавадарци, Кочани, Пробиштип, Кратово и Ресен по двајца, Демир Хисар и Дебар по еден пациент.

На Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 83 пациенти од кои на кислородна поддршка се 49 пациенти, а еден е на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 15 возрасни пациенти позитивни на Ковид-19 и шест деца позитивни на вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно хоспитализирани се 78 пациенти од кои на респираторна машина се тројца пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 30 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 48 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 120 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Вкупната бројка Ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата е 11.399, бројката на оздравени пациенти е 7.480, на починати е 517, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.402.

Слични содржини