Филипче со одговор дали ќе го поддржат Герасимовски за нов мандат во општина Центар

од Nikola Popovski
204 прегледи

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски денеска беше запрашан дали очекува поддршка од неговата матична партија СДСМ за да се кандидира за втор мандат во општината на локалните избори. Тој во присуство на лидерот на партијата, Венко Филипче не одговори конкретно дали ќе „трча“ по нов мандат.

-Се прават сондажи, анкети, се испитува пулсот на граѓаните. Доколку ми ја дадат довербата од страна на партијата и граѓаните ги ценат реализираните проекти, чест ќе ми биде да истрчаме повторно на избори. Разговарано е со неколку луѓе. Верувам дека следната недела ќе има првични изјави, кажа Герасимовски.

Претходно Филипче одговори дека прават внатрепартиски анкети во повеќе општини и се разговара на повеќе нивоа.

-Десетина кандидати ќе ги промовираме во текот на следната недела, рече претседателот на СДСМ.

Околу евентуална поддршка од другите партии, Филипче кажа дека начелно коалицијата предводена од СДСМ ќе настапи заеднички на изборите. Започнати се разговори и за советничките листи, но не во сите општини подеднакво.

-Во однос на коалиција со албански партнер, постепено ги започнуваме иницијативите за разговори и ги согледуваме околностите. Ги следиме случувањата и со владеачката коалиција. Тоа што се случува во Владата, коалицијата е нестабилна и не функционира добро, рече Филипче при увидот во градежните работи за реконструкција на спортската сала „Работнички“ во Градскиот парк.

Слични содржини