Филипче: Владата го прифати предлогот на Комисијата, од утревечер полициски час до понеделник

од Aleksandar Petrovski

Министерот Филипче информираше дека Владата го усвоила барањето на Комисијата за заразни болести.

-Воведување полициски час од утре (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот наутро во Скопје – сите скопски општини, во Општина Куманово, Општина Липково,Општина Штип, Општина Тетово, како и во Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце. Во сите останати градови полицискиот час да трае од утре (4 јуни) во 21 часот до задутре (5 јуни) до 5 часот наутро, додека во останатите денови да почнува од 16 часот и да трае до следниот ден до 5 часот наутро, изјави Филипче.

Петок (5 јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
Во периодот од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, се забранува посета на гробиштата на територијата на цела држава, освен за погреби.
Отстапките за од овие забрани се однесуваат за земјоделските активности, поради што е дозволено движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.
За време на периодот за кој е донесена оваа одлука за забрана за движење, аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.
Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот.
Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.

Повторното воведување на рестриктивните мерки следува по зголемениот број новодијагностицирани случаи со Ковид-19 во земјава во изминатите денови. Само во последното дененоќие се регистрирани 101 нов случај со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје – 59. Заразени има и во Куманово-12, Штип-седум, Струга – шест, Тетово – пет, во Гостивар и Кочани има по три случаи, Пробиштип – два, а по еден случај во Прилеп, Велес, Охрид и Кавадарци.

Институтот за јавно здравје денеска регистрира 10 оздравени пациенти и четворица починати.

 

Слични содржини