Филипче: Во 16 мини инфективни одделенија ќе се прави брза дијагностика на Ковид-19

од Берта Китинска

Се зголемува бројот на болнички капацитети во сите 16 болници кои ќе добијат модуларни мини инфективни одделенија со цел тие со сега посебните објекти, да останат целосно „чисти“ за да може нормалната патологија што се работи едноставно да не трпи и пациентите да можат да добијат здравствена услуга, како и да не се креираат листи на чекање. Ќе се инсталираат апарати за дијагностика во сите овие центри за брза дијагноза на вирусот, истакна министерот за здравство Венко Филипче.

Тој во синоќешното гостување на емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија рече дека здравствениот систем веќе два месеца интензивно се подготвува за есенските месеци со зајакнување на постојните јавно-здравствени установи за третман на пациентите со коронавирус.

Посочи дека за секој еден пациент е направено се што треба и во однос на стадиумите пред поставувањето во респираторна машина и во однос на третманот додека се пациентите на респираторна машина.

– Сите врвни експерти во нашата држава се вклучени во лекувањето преку системот за консултација, па дури и физичко присуствуваа. И анестезиолозите по систем на ротација се присутни во одделенијата каде што се лекуваат пациентите од Ковид-19, кои се поставуваат на респираторна машина. Тоа се експерти со големо искуство во ракувањето со овие машини, затоа што тоа бара и одредено познавање на самата машина, но и во типот на лекување. Тоа лекување на пациент во интензивна нега на респираторна машина без разлика од која причина е – ќе кажам – медицина во мало. Тука се обединети знаења и искуства од многу специјалности, додаде Филипче.

Слични содржини