Филипче во Свети Николе: Во Здравствениот дом има добра организациска поставеност на овој бран на Ковид-19

од Берта Китинска

Министерот за здравство Венко Филипче денеска го посети Здравствениот дом во Свети Николе, каде се сретна со директорката Славица Панева и со докторите и медицинските сестри во таа јавна здравствена установа.

Филипче изјави дека на средбата разговарале за начините на кои тие се справуваат со овој бран на Ковид-19 во последните недела дена, кога има над сто заразени во таа општина.

– Потеклото на бранот се врзува со кластер во Штип, најголем број новозаразени се вработени во објект од конфекција, тука во градот. Одлично изреагира локалната самоуправа, во координација со сопственикот на конфекцијата, во текот на минатата недела е донесена одлука истата да се затвори неколку дена. Дел од дијагностицираните се на домашно лекување, а дел се лекуваат во болницата во Штип. На останатите од вкупно сите вработени во тек на овие денови интензивно им се прават епидемиолошки анкети и според индикацијата ќе се направат тестирања и во согласност со резултатите ќе се донесе одлука како ќе продолжи да работи, рече Филипче.

Посочи дека зборувале и за набљудување на капацитетите за сместување, во пресрет на есенскиот бран, за поставување дополнителна монтажна барака, за справување со корона кризата и надградување на капацитетот на биохемиската лабораторија, и дополнување на оние што може да прават ПСР анализа за краток временски период.
– Сметам дека има добра организациона поставеност, одлична реакција сега за време на овој мини-бран кој што според последните информации се смирува, но остануваме интензивно да работиме и се подготвуваме за понатаму, и секако будно да ја следиме ситуацијата сега, додаде Филипче.

Градоначалникот на општината Свети Николе, Сашо Велковски рече дека во последните денови имаат повеќе новозаразени со Ковид-19. Потенцира дека на средбата со министерот било договорено од Министерството за здравство да им излезат во пресрет со опрема за здравствените работници во општината.

Слични содржини