Филиповска: Не секој здрав човек постојано се чувствува психички добро и не секој болен разбира дека е болен

од Берта Китинска

Една од најчестите заблуди е дека само луѓето кои „полуделе” одат на психолог. Имено, не секој здрав човек постојано се чувствува психички добро и не секој болен разбира дека е болен. Ако нешто ве мачи и не можете да се справите со тоа, слободно одете на психолог. Тоа е многу едноставно, исто како кога имате забоболка, не ја трпите болката со денови или недели, не, веднаш се јавувате да закажете термин кај стоматологот, вели во интервју за „Локално“  м-р. Моника Филиповска, семеен и системски советник.

Taa напоменува дека првите знаци како што е страв, беспомошност, отсуство на концентрација или не можноста да се снајдете во „хаосот” укажуваат дека ви е потребана психолошко советување.

Кои се првите знаци кога човек сам треба да ги препознае и да побара помош од стручно лице?

Грижата за менталното здравје е важна исто коку и грижата за физичкото здравје на единката. Оттука пак, грижата за сам себе не води до грижа за целиот семеен систем, субсистемите во него, опкружувањето или општеството во целина. На овој начин се доаѓа до заклучок дека грижата за менталното и физичкото здравје претставува основен сегмент со кој се постигнува и одржува субјективна добросостојба. Неизбежено е да се спомене дека живееме во брз и динамичен свет, полн со предизвици кои носат и свои потешкотии во секојдневното функционирање. Она што е од особено значење е дека секој еден од нас, во определен момент чувствува отежнато секојдневно функционирање, како на пример чувство на преоптеретеност, преголема грижа, страв, беспомошност, отсуство на концентрација или пак да се пронајде себеси во “хаосот”. Токму тоа се и првите знаци дека треба да се побара стручна помош, која за среќа, во денешно време е навистина достапна, дали како психолошко советување или како психотерапија. Податоци од бројни истражувања велат дека секоја четврта индивидуа се соочува со ментални потешкотии во одреден период од својот животен циклус и овде не станува збор само за оние состојби за кои сме навикнати да слушаме, како депресија или анксиозност, туку се соочуваме со потешкотии во емоционалните врски, загуби од било кој тип, зависности и слично. Често пати во ситуации кога ни треба помош се обраќаме кај пријателите или семејството, но во тој случај можеме да очекуваме да бидеме исслушани, но не и секогаш да најдеме конкретно решение за одредена потешкотија. Едноставно е, кога имаме забоболка веднаш се јавуваме кај стоматолог, нели? Не велиме “ајде ќе помине, можам јас сам да се изборам со ова”……и болката да трае со денови, недели, месеци.

Колку пандемијата влијаеше на семејните односи?

Пандемијата од корона вирусот го зафати целиот свет во размери што досега бевме навикнати да ги гледаме само по филмовите. Карантинот, полицискиот час, седењето дома, се со цел да се спречи ширењето на вирусот, го променија секојдневието на секој еден од нас. Пандемијата со себе носи негативни но и позитивни последици по семејството и семејното функционирање. Сакам да напоменам дека семејствата кои имаат здрава основа на функционирање, наидоа на доста позитивни неочекувани последици како на пример, поминување повеќе време со семејството, развивање на блиските релации и вештини, разговарање и правење заеднички работи за кои претходно немале доволно време и слично. Но тука се и дисфункционалните семејства, кај кои се забележуваат повеќе негативните последици, односно нивните членови сега се соочуваат со дополнителни потешкотии предизвикани токму од карантинот или поминувањето на поголемиот дел од времето заедно. Во овој период за жал се зголеми и стапката на семејното насилство, дури и во семејни системи каде претходно не било случај. Како главна причина за сите состојби со кои се соочуваат семејните членови се споменува стравот како емоција, кој може да се појави во најразлична форма. Најнапред станува збор за страв од зараза, страв од загуба на блиска личност, страв од ограничување на време и движење, а секако и страв за егзистенција на семејството заради социо-економската криза која настапува паралелно со пандемијата. Повторно сакам да ставам акцент на тоа дека во изминатиов период од почетокот на пандемијата, па се до денес, функционираат бесплатни телефонски линии за справување со потешкотиите предизвикани од самата пандемија. Во оваа насока ме радува фактот што се поголем број лица се охрабруваат да побараат помош.

Дали намлените социјални контакти ги изнесоа на површина повеќето проблеми во семејните односи пмеѓу партнерите?

Оваа новонастаната ситуација и променетиот начин на живот во контекст на изолација и недостаток на дружење со луѓе надвор од нашите семејства, најчесто предизвикува анксиозност, нетрпеливост, несогласување и конфликти помеѓу партнерите. Со оглед на фактот дека повеќе време минуваме заедно, следствено треба да научиме да ги слушаме партнерите, да комуницираме, да покажеме емпатија, но во исто време да се почитува и личниот простор на поединецот, бидејќи е од витално значење за градење и негување и на партнерската релација. Погоре споменав дека за жал, зголемен е бројот на пријавени случаи на семејно насилство, токму во време на пандемијата, а за 15 проценти е зголемена и стапката на бракоразводи во споредба со претходната година.

Дел од родителите сметаат дека децата не треба да носат маски во училиште.Какви импликации може да има долготрајното носење маски за менталното здравје кај децата?

Сите сме во еден исклучително тежок период, и возрасните и децата, се прилагодуваме кој колку може подобро на оваа состојба на честа дезинфекција, често миење на раце, носење маска на затворено, избегнување на групирање, прослави и слично. Неоспорен факт е дека најмалите полесно ги прифаќаат и се прилагодуваат на новите правила на однесување, таков е и случајот со маските кои задолжително ги носат на себе во текот на наставата. Ги вадат само за да се напијат вода, да јадат и кога одат на часот по физичко образование. Но, како сето ова влијае на нив и нивното ментално здравје е навистина дискутабилно. Знаеме дека емоциите најлесно ги препознаваме, ги учиме и ги практикуваме токму преку изразот на лицата. Радост, тага, лутина, среќа или пак страв, како да се забележи, како да се препознае кога за жал, сега лицата ни се прекриени со маски? Иако емоциите се универзални, секој еден од нас ги доживува и манифестира на различен начин. Емоциите се алатка со чија помош ние се поврзуваме со луѓето околу нас и истите ни помагаат да создадеме силни меѓучовечки односи. Низ литературата често можеме да сретнеме дека емоциите се всушност “заразни” а се однесува на тоа дека ние луѓето имаме тенденција несвесно да ја имитираме надворешната состојба на луѓето околу нас, па така ако некој ни упати насмевка и ние му се насмевнуваме. Ова ме наведува да помислам дека можеби, учествуваме во создавањето на една би рекла “ладна” генерација. Генерација која би можела да се соочи со потешкотии во насока на препознавање и изразување на емоциите.

Како се прифаќаат сесиите кај нас? Дали сè уште е табу тема и се верува дека само „лудите“ бараат помош од стручни лица или пак, нештата полека се менуваат?

Барањето на стручна помош, психолошко советување или психотерапија, кај нас е сеуште тема на која не се разговара отворено, тема за која е срамно да се дискутира, но на мое големо задоволство, можам да забележам дека во однос на ова прашање, се мрднавме од позитивната нула, во нагорна линија. Отворените бесплатни телефони за поддршка и помош, поголемата маркетингшка покриеност, застапеноста на оваа тема на социјалните мрежи и медиумите, овозможува поголема достапност до стручните лица. Како една придобивка од пандемијата на Ковид вирусот, а во насока на барањето на стручна помош при одредена потешкотија, е тоа што денес луѓето овие средби можат да ги остварат и online, можат да работат на личен раст и развој, на своето ментално здравје, а притоа да не се занимаваат со она прашање кое за жал е сеуште присутно кај нас “што ќе мислат другите за мене, ако знаат дека одам кај психолог?” Потребно е време да се променат нештата, не може одеднаш, но колку повеќе се зборува на оваа тема, дотолку повеќе и луѓето ќе се чувствуваат послободно.

Во последно време сè повеќе се зборува за важноста за развивање на емоционалната интелигенција и за одржување на менталното здравје. Колкава улога играат тие во нашиот живот?

За подобро да ја разбереме важноста од развивање на емоционалната интелигенција, најнапред треба сликовито да си претставиме што се тоа емоции, како да ги препознаеме, како да ги контролираме и што во суштина претставува емоционална интелигенција. Секој еден од нас може многу да научи за и од своите емоции. Често пати сме сведоци на големата непријатност кај луѓето, а особено кај мажите, дури и при самото споменување на поимот емоции. Да се биде емоционално писмен значи да се има способност да се управува со емоциите на начин на кој би се зголемила нашата моќ, а со тоа би се подобрил и квалитетот на животот. Емоционалната писменост им помага на емоциите “да работат за нас” наместо “против нас”. Да се биде емоционално интелигентен значи да се препознаат сопствените емоции, емоциите на другите, колку се тие силни, што ги предизвикува истите, односно да знаеме да управуваме со емоциите и да ги разбираме. Емоционалната писменост е нешто што треба да го научиме, а со тоа ќе научиме да ги изразуваме своите чувства, како тие влијаат на луѓето околку нас, ќе научиме да развиваме емпатија и секако ќе научиме да превземаме одговорност за начинот на кој нашите емоции влијаат врз другите луѓе.

Каков совет би им дала на помладите и постарите во Македонија за одржување на менталното здравје во сè постресното секојдневие?

Една од најчестите заблуди е дека само луѓето кои “полуделе” одат на психолог. Имено, не секој здрав човек постојано се чувствува психички добро и не секој болен разбира дека е болен. Ако нешто ве мачи и не можете да се справите со тоа, слободно одете на психолог. Погоре споменав дека е многу едноставно, тоа е исто како кога имате забоболка, не ја трпите болката со денови или недели, не, веднаш се јавувате да закажете термин кај стоматологот. Ние сме исто така склони да размислуваме, дека ако еден психолог не ни помогнал , што ќе можат другите да направат. Повторно, тоа што едниот стоматолог ви ставил лоша пломба, не значи дека другиот стоматолог нема да знае како да го поправи тоа. Во секоја област се случува стручното лице да не е погодено за дадена ситуација. Милион проблеми, милион решенија. Не плашете се да продолжите да барате.На крајот сакам на вашите читатели да им ја честитам Новата 2022 година, да посакам здравје, позитивна мисла, среќа, љубов и бериќет.

Б.М.

Слични содржини