Филмот што ја создаде Анџелина Џоли каква што ја знаеме денес и која и помогна да се избори со последиците од зависноста

од Љубиша Владимиров
2,9K прегледи

Анџелина Џоли неодамна откри кој филм целосно ѝ ја променил кариерата. По низа помали улоги во 90-тите години, вклучувајќи филмови како „Киборг 2“, „Без докази“, „Хакери“ и „Љубовта е сè што постои“, таа за првпат привлече поголемо внимание со освојувањето на Златен глобус за улогата во телевизискиот филм „Џорџ Волас“.

Сепак, вистинската пресвртница во нејзината кариера се случила една година подоцна, со филмот „Џија“, каде што ја толкува улогата на супермоделот Џиа Каранги.

Приказната за Џиа — модна икона која починала од СИДА на само 26-годишна возраст — била длабоко емотивна за Џоли. Во тој период, слично како и нејзиниот лик, и таа се соочувала со последиците од зависноста од тешки дроги како кокаин и хероин.

Во интервју за Variety, Џоли изјави:

„Не сакав да го направам филмот, не сакав да се впуштам во тоа. Можеби затоа што ја чувствував таа улога премногу блиска, можеби затоа што се плашев каде може да ме однесе. Но продуцентите знаеја дека сум вистинската личност за неа.“

Иако со двоумење, таа ја прифати улогата — и како што вели, преку неа пронашла терапија.

„Се идентификував со Џиа. Од сите ликови што сум ги играла, таа ми е најблиска. На чуден начин, таа улога ми помогна да ја избегнам нејзината судбина.“

Анџелина ја сфати улогата многу сериозно, со цел преку приказната на Џиа да ја прикаже човечноста зад зависноста, болката и тишината кои јавноста ретко ги гледа.

„Таа носеше толку многу во себе, а никој не го гледаше тоа. Луѓето ја доживуваа само како убава и проблематична.“

Филмот „Џија“, во режија на Мајкл Кристофер, предизвика голем ентузијазам и позитивни реакции. Џоли ја освои својата втора награда Златен глобус, како и престижната SAG награда за најдобра актерка. Овој филм го означи нејзиниот пробив во филмската индустрија и ја покажа нејзината длабочина како актерка.

По „Џија“, Џоли се појави во многу поуспешни филмови, меѓу кои и „Девојка, прекината“, под режија на Џејмс Манголд, за кој ја освои Оскар наградата за најдобра споредна женска улога. Таа потоа се трансформираше во глобална акциона хероина со улогата на Лара Крофт во филмската франшиза „Tomb Raider“, што ѝ донесе светска слава.

Слични содржини