Finance Think: Проектираната стапка на раст на БДП е оптимистичка

од Vladimir Zorba

Владата на Република Северна Македонија го усвои Предлог Буџетот за 2023 година. Предлог Буџетот се донесува во услови на нагласена неизвесност во економското окружување и ризици за понатамошно интензивирање на стагфлациските тенденции, кои се очекува да имаат поголема материјализација во првиот и вториот квартал од 2023 година.

Во таа смисла, Предлог Буџетот 2023 проектира раст на БДП за 2023 година од 2.9% и раст на трошоците за живот од 7.1%. Finance Think проценува дека проектираната стапка на раст на БДП е оптимистичка и е со значајни изгледи да биде пониска, додека проектираната стапка на инфлацијата е под голема неизвесност и може да забалежи значајни отстапувања и во двете насоки (пониска или повисока).

Во номинална смисла, земјаќи ги заедно проектираниот реален раст на БДП и растот на цените, што служи како основа за проценка на буџетските приходи, проекцијата за нивен раст е особено висока, без оглед што во себе инкорпорира и други елементи како имплементација на даночната реформа и мерки за намалување на сивата економија.

Оттука, буџетските приходи, и особено даночните приходи, се проектирани на особено високо ниво, и тие би се оствариле само доколку порастот на цените не стивне, што би било неповолен исход за животниот стандард на граѓаните. Притоа, треба да се напомене дека Предлог Буџетот 2023, како клучен документ за економијата во целина, не дава јасна слика за финалните контури на предложената даночна реформа, и во таа смисла претставува сериозно потфрлање во делот на фискалната транспарентност. Предлог Буџетот 2023 предвидува пораст на буџетските расходи за 12.6%, што е неразумно високо проектирање на расходите, ако се има предвид ризикот од остварување на приходите и намерата за фискална консолидација.

Сепак, намерата за фискална консолидација е појасно видлива во сегментите на плати за јавната администрација и расходите КОМЕНТАР COMMENT Бр./No.36 Оваа публикација е произведена со поддршка од Open Society Think Tank Fund (TTF). TTF може да не се согласува или да не ги одобрува мислењата изразени во оваа публикација. Finance Think – 2022 All rights reserved. за стоки и услуги, кои се проектирани со раст од 7.9% и 5%, соодветно, понизок од растот на вкупните расходи, но сепак се` уште значајно висок.

Последново е особено важно поради нагласениот ризик буџетските трошења да влијаат проинфлаторно во услови на се` уште висок раст на цените генериран од надворешни фактори. Дополнително, особено загрижува предвидениот раст на ставката други трансфери, од 11.5%, имајќи предвид дека освен трансферите до единиците на локалната самоуправа, оваа ставка вклучува субвенции и други трансфери чија целисходност, ефикасност и ефективност останува „црна кутија”.

Имено, и покрај апелите на домашната и меѓународната експертска јавност за рационализација на овие трошења и нивно врзување со конкретни исходи/резултати, поголем исчекор се` уште не е направен и оваа ставка содржи доминантен елемент на непродуктивен и несуштински расход. Дополнително, во инфлаторно окружување, значајното зголемување на оваа ставка може да претставува особен ризик.

Очекувано, во услови на заострување на условите на финансиските пазари, и на домашиот и на меѓународниот, расходите за каматни плаќања се проектирани со раст од 26.4%, и притисок којшто ќе се зголемува. Проектирањето високи капитални инвестиции, со раст од 49.6%, е очекуван потег и шема на дизајнирање на Буџетот со секој Предлог Буџет во претходната деценија.

Тоа не е сврзано со кризата и променетите околности, туку со намерата да се покаже високо почетно планирање на капиталните расходи, за целите на поддршка на економијата.

Согласно на ваквото шематско проектирање, Finance Think очекува дека од предвидените близу 800 милиони евра капитални расходи, конечно ќе се реализираат околу половина, односно околу 400 милиони евра, што може да се заклучи и од графиконот бр.7 на стр.27 во самиот буџетски документ.

Со ваквото проектирање на Предлог Буџетот 2023, буџетскиот дефицит е поставен на ниво од 4.6% од БДП. Имајќи го предвид ризикот од неостварување на буџетските приходи според планираното, како и ризикот од неостварување на проектираниот раст на БДП (што се користи во формулата за пресметка на буџетското салдо), Finance Think проценува дека буџетскиот дефицит или ќе биде надминат, или, поверојатно, во текот на 2023 ќе ја видиме шемата на прилагодување на буџетот според која ќе се изврши значајно кратење на капиталните расходи.

Со тоа, математички, буџетскиот дефицит ќе остане на линијата на фискалната консолидација, но структурата на трошењата нема значајно да и` помогне на економијата во услови на повеќекратна криза. Како заклучок, Предлог Буџетот 2023 скоро во целост ја следи линијата на проектирање од претходните години.

Буџетските приходи, според моменталните расположливи информации, се проектирани на високо ниво, што создава ризик за реализацијата на проектираните буџетски расходи. Кај расходите, фискалната консолидација кај одредени ставки е недоволна, особено во инфлаторни околности, но веројатно ќе биде компензирана со кратење на нереално-поставените капитални расходи со првиот ребаланс во текот на 2023.

Слични содржини