Актуелно
Почетна / Глобално / Балкан / Финансиска помош од ЕУ за Грција во висина од 700 милиони евра

Финансиска помош од ЕУ за Грција во висина од 700 милиони евра

Финансиска помош од 700 милиони евра од ЕУ и оперативна поддршка од Фронтекс со дополнителни гранични полицајци, бродови, авион и хеликоптери се со цел Грција да се справи со мигрантското прашање, најави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен од Еврос.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли, како и потпретседателот на ЕК Маргаритис Схинас, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ и хрватскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, придружувани од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска со хеликоптер надлетаа над копнената граница со Турција за да ја видат ситуацијата.

На заедничката прес конференцијата челниците на европските институции испратија порака дека грчките граници се и надворешни граници на Европската унија, јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателката на Европската комисија рече дека денеска се испраќа јасна порака на европска солидарност и поддршка до Грција, истакнувајќи дека „прв приоритет е да се одржи редот на грчката надворешна граница, што е и надворешна граници на Европа“.

-Обврзани сме да ја мобилизираме целокупната неопходна оперативна поддршка за грчките власти. По барање на Грција Фронтекс се подготвува да активира група за брза интервенција со седум бродови, два хеликоптери, еден авион, две возила со камери, 100 гранични полицајци, освен веќе постоечките 530, граничните полицајци од Фронтекс ќе се распределат на копнената и морската граница. Можеме да дадеме економска поддршка од 700 милиони евра за Грција. 350 милиони евра што се веднаш достапни и дополнителни 350 милиони што може да се побараат во рамките на еден изменет буџет. Оваа поддршка се однесува на справувањето со мигрантското прашање, рече Фон дер Лајен, која истакна дека Грција е европски штит.

Мишел: Грчките граници се европски граници

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел рече дека е многу важно во вакви ситуации тие да не седат во Брисел, туку да се на самото место, да имаат најголема можна перцепција за она што се случува. -Постои едно многу важно прашање – грчките граници се европски граници и она што го правите е многу важно за Грција, но и од клучно значење е за иднината на Европската унија. И нашето присуство овде, во вашата земја е многу силна порака што сакаме да ја испратиме до грчкиот народ, на европските граѓани и на светот дека сме заедно, заедно сме бидејќи сметаме дека заштитата на границите е од витално значење, рече Мишел истакнувајќи дека има доверба во Грција. Тој додаде дека очекува од турската страна да ги почитува и да се придржува до ветеното во рамките на конкретниот договор со ЕУ.

Сасоли: Потребна е заедничка европска политика за мигрантското прашање

Претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли рече дека е потребно, а тоа секојдневно се гледа, да се зајакне заедничката политика во мигрантското прашање на европско ниво. -Денешното присуство на претседателите на Комисијата, на Советот и присуството на Европскиот парламент, токму тоа сакаат да го кажат, повик до Европа, решително да се справи со можноста да постои заедничка политика во однос на мигрантското прашање, рече Сасоли и додаде дека истовремено треба да им се заблагодарат на Грција и на грчките граѓани, но и да и порачаат на Турција дека сакаат да разговараат и да се придржува до договорите. Претседателот на Европскиот парламент посебно се задржа и на децата бегалци без придружба за кои рече дека Европа потребно е да има посебна стратегија за нив.

Пленковиќ: Поддршка и солидарност за грчката Влада

Премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, на прес конференцијата рече дека во име на хрватското претседателство со ЕУ, денеска е на Еврос за да се изрази поддршка и солидарност до грчката Влада и му се заблагодари на Мицотакис што ја „промени политиката на Грција во заштитата на границите, односно дека не дозволува нелегална миграција. -Бидејќи како што кажа Урсула, Грција е штит, вистинските надворешни граници на Европската унија и гарант на стабилноста за целиот европски континент. Ова го кажувам и како премиер на земја која што е на рутата на Западен Балкан, рече Пленковиќ .

Тој истакна дека за хрватското претседателство е важно да се спречи реприза на ситуацијата од 2015 -2016 година.

Мицотакис: Турција се претвори во официјален криумчар на мигранти

Домаќинот, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека конкретниот проблем „не е повеќе бегалски и мигрантски, туку претставува асиметрична закана на источната граница на Грција, што е и граница на Европа“, додавајќи дека Европа има обврска да ѝ помогне на Грција.

-Моја должност е да го чувам интегритетот и суверенитетот на мојата земја и тоа ќе го сторам. А должност на Европа е да и помогне на Грција и тоа ќе го стори. Реагираме, со основен критериум, заштита на нашите граници но и безбедноста на цела Европа. Се движиме целосно во рамките на меѓународното и европското право, но пред сè, она што се случува на грчката граница е меѓународно политичко прашање од големи размери, истакна Мицотакис и објасни дека во изминатите денови биле спречени над 24 илјади обиди за нелегален влез во земјата кај Еврос и во Егејското Море. Во однос на Турција, оцени дека го прекршува Договорот со ЕУ, ги користи мигрантите и бегалците како пиони и „за жал Турција се претвори во официјален криумчар на мигранти“.

-Заедно со моите колеги, одблиску видовме што точно се случува тука. Далеку од подмолната пропаганда на лажни вести што кружат за да ја скријат вистината, а вистината е една. Турција во пракса ја спроведува нејзината закана и се обидува да испрати десетици илјади луѓе нелегално во Грција, барајќи нешто во замена, рече Мицотакис. Тој додаде дека пораката е јасна дека „мигрантите и бегалците не може да се користат како пиони и алатки во една геополитичка игра“, а „заканите на Ердоган не поминаа“.

Паралелно, Мицотакис им се заблагодари на челниците на европските институции за поддршката и солидарноста кон Грција.

loading...