Финска е подготвена да влезе во НАТО и без Шведска

од Vladimir Zorba

Доколку ја добие последната преостаната ратификација за нејзината кандидатура во НАТО, Финска е подготвена да се приклучи на Северноатлантската алијанса без оглед на тоа каков напредок постигна Шведска во процесот на пристапување, изјави денеска финскиот претседател Саули Нинисто.

Финскиот парламент го иницираше процесот за ратификација на приемот на оваа нордиска земја во НАТО, без разлика што и Шведска и Финска истовремено поднесоа барање за влез во алијансата.

Сепак, Турција сè уште претставува пречка за влез на Шведска, додека членството на Финска повеќе не е проблем, пренесе Блумберг.

Нашиот парламент ќе ја донесе својата одлука и доколку Турција и Унгарија ги ратификуваат нашите кандидатури, ние ќе станеме членки на НАТО, изјави Нинисто на заедничката прес-конференција со премиерите на Шведска и Норвешка, пренесе Танјуг.

Коментарот е последниот сигнал дека Финска се подготвува да влезе во алијансата без Шведска, нејзиниот сосед и близок сојузник чија кандидатура за членство не е одобрена од Турција.

Нинисто инсистираше на тоа дека неговата изјава не треба да се толкува како најава дека Финска се оградува од својот сосед, но се очекува финските пратеници да гласаат за ова прашање веќе на 28 февруари.

Слични содржини