Финска е подготвена да војува со Русија доколку биде нападната

од Nikola Popovski

Финска се подготвува за руски напад со децении и би пружила силен отпор доколку тоа се случи, изјави шефот на финските воени сили.

Оваа скандинавска земја изгради голем арсенал на оружје. Но, освен воената опрема, генералот Тимо Кивинен вели дека клучниот фактор е тоа што во случај на напад, Финците би биле мотивирани да се борат.

„Најважната линија на одбрана е онаа меѓу ушите, како што докажува војната во Украина“, вели Кивинен во интервју.

Во 1940-тите, Финска двапати се бореше против својот источен сосед, со кого ја дели границата долга 1.300 километри.

Загрижена дека Русија би можела да ја нападне Украина, неутралната Финска поднесе барање за членство во НАТО.

„Системски ја развивме нашата воена одбрана за овој тип на војна што се случува во Украина, со масовна употреба на огнена моќ, вооружени и воздушни сили“, изјави Кивинен.

Тој додаде дека „Украина е тежок залак (за Русија), а истото би било и со Финска“.

Околу 100.000 Финци беа убиени за време на двете војни кои Финска ги водеше против Советскиот Сојуз и загуби една десетина од својата територија.

Нацијата со 5,5 милиони жители има воена сила од околу 280.000 војници со 870.000 обучени резервисти. Воениот рок за мажи не е укинат, како што е случај во многу западни земји.

Финска троши два отсто од својот БДП за одбрана, што е повисоко од многу земји-членки на НАТО. Државата нарачува четири нови воени бродови, како и 64 американски борбени авиони Ф-35. Исто така, планира да нарача до 2.000 дронови, противвоздушна опрема и да изгради огради на границата со Русија.

Околу 82 отсто од анкетираните на 18 мај во анкетата на Министерството за одбрана рекоа дека би биле подготвени да учествуваат во националната одбрана доколку Финска биде нападната.

Слични содржини