Финска планира да подигне ограда на границата со Русија

од Vladimir Zorba

Финска планира да подигне нова ограда на делови од границата со Русија, по руската инвазија на Украина.

Плашејќи се дека Москва би можела да ги искористи мигрантите за политички притисок, Хелсинки во четвртокот предложи нацрт-амандман за зајакнување на оградата во некои делови на границата долга речиси 1.300 километри. Нејзиното стапување во сила треба да биде „што е можно поскоро“.

Веста доаѓа по кандидатурата на Финска за НАТО, поради што оваа скандинавска земја стравува од таканаречените хибридни реакции, како што се компјутерски напади и невоени операции за дестабилизација.

„Целта на овој предлог-закон е да го подобри оперативниот капацитет на граничната служба како одговор на хибридните закани“, изјави за АФП советничката во Министерството за внатрешни работи, Ен Иханус.

„Војната во Украина поттикна итно решение на прашањето“, рече претставникот.

Во моментов Финска има дрвена ограда на границата која го спречува преминувањето на животните.

„Сега сакаме да изградиме цврста ограда што ќе делува како вистинска бариера“, рече Сана Пало, директорка на одделот за правни работи на Граничната служба.

„Оградата најверојатно нема да се протега по целата граница, но ќе ги заштити местата што ги сметаме за најважни“, рече таа.

Во случај на наплив на мигранти, Владата ќе предложи да се отворат посебни пунктови на границата за прием на барателите на азил.

Тие приоритетни позиции ќе бидат утврдени подоцна, како и буџетот за проектот, додаде Министерството за внатрешни работи.

Границата најмногу минува низ ретко населените места.

Слични содржини