ФИТР демантира: Сите анализи покажуваат дека нашите политики се ефикасни

од Nikola Popovski

Жално е што опозицијата, наместо да ги мотивира младите да отворат успешни стартапи и да ги реализираат своите соништа, вметнува политика во сфера која е комплетно ослободена од политичките влијанија, вака реагираат од ФИТР, на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, на која беа обвинети дека „испумпуваат пари и ги доделуваат на луѓе блиски до СДСМ“.

Според ФИТР, Јавниот повик „Стартапувај 3″ е наменет за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт-ап и спин-оф, кои според законот се компании не постари од 6 години. Поддршката преку овој повик е наменета на проекти кои имаат најмалку „потврден концепт” (proof of concept) и јасна амбиција за комерцијализација, како и проекти кои се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза.

Сите пријавени компании поминуваат процес на претселекција спроведена од 3 стручни лица. Секоја компанија која ќе има над 51 поен, поминува во финална селекција а финалната селекција ја прави Комитетот за одобрување на инвестиции, составен од 5 светски експерти. Марвин Лиао, Претседателот на КОИ е поранешен директор на Јаху а и самиот има инвестирано во над 400 стартапи, информираат од институцијата и додаваат дека „наспроти лагите и манипулациите на опозицијата, сите анализи покажуваат дека политиките на ФИТР се ефикасни“.

-Според резултатите добиени од импaкт евалуацијата на Фајнанс Тинк која вели дека од вкупно 12 индикатори за ефикасноста на државната помош, ФИТР има ефикасна поддршка во 7 индикатори, и тоа: врз продажбата, технологијата, продуктивноста, профитот на компаниите, паричната ликвидност и пазарниот удел, се вели во реакцијата.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски денес објави дека Фондот за иновации работи полошо од било кога ги троши парите недомаќински, полошо од било кога и од било која институција на СДСМ.

-Се плаќаат во милионски суми рецепти за пица, никој не знае каква е успешноста на проектите и никој не води никаква ревизија како се потрошени парите и каде завршуваат. Но, ревизија ќе има за секој еден проект откако ќе се смени власта.

Начинот на испумпување пари од Фондот за иновации кој го осмисли СДСМ мора да еднаш за секогаш да прекине. Коста Петров мора да сфати дека не располага со негови домашни пари, туку со парите на граѓаните, тоа се државни пари и за тоа следи одговорност доколку лошо постапува.

Времето на делење пари по пријатели, познаници и партиски поддржувачи на СДСМ мора да заврши и конечно да се гледа вистинскиот квалитет, порача Арсовски.

Слични содржини