ФИТР: Со допoлнителните средства од ребалансот двојно зголемен бројот на поддржани компании на повикот објавен во мај

од Vladimir Zorba

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски очекува до крајот на процесот на првиот и вториот бран 75 до 80 компании да стигнат до средства за обезбедување инвестиции на повикот за Комерцијализација на иновации што беше објавен на 15 мај, кој првпат заеднички го финансираат Владата и Светска банка, и да им бидат исплатени средства.

На повикот, како што посочи, аплицираа 487 компании кои побараа 70 милиони евра, а во последната фаза на разгледување стигнаа 366 од нив, од кои дел добија препорака да реаплицираат на повикот за Технолошки развој, односно за обезбедување опрема, согласно природата на инвестицијата што ја планираат. За тоа, потенцира, им се овозможува аплицирање по скратена постапка што значи помалку трошоци за нив и за Фондот.

-Во изминатите две години имаме околу 1.000 домашни компании кои аплицирале на повиците на Фондот што говори за потребата за средства, но и за довербата која ја имаат во работењето и процедурите на ФИТР. Давањето можност на компаниите кои учествувале на овој повик и стигнале до последната фаза на разгледување да аплицираат по скратена постапка подразбира дека веќе наредната недела ќе објавиме нов повик по скратена постапка. Очекувам до крајот на годината 50 компании да добијат финансиски средства на тој повик, рече Деспотовски на денешната прес-конференција.

Нагласи дека до крајот на годинава ќе биде објавен повик по редовна постапка за технолошки развој за сите кои не аплицирале до сега, како и повик за стартап и спиноф компании заради огромниот интерес кај младата популација поради што Владата на барање на Фондот дала можност да се објави до крајот на годинава. Повикот за инструментот „Ко-финансирани грантови за технолошки развој “ ќе биде со вкупен буџет од шест милиони евра, а за новоосновани трговски друштва 1,5 милиони евра.

-Повикот ќе биде објавен, но нема да се носат одлуки во изборниот процес. Одлуките во рамки на тој повик ќе треба да почекаат завршување на процесот на изборите, но ќе биде објавен и компаниите ќе имаат можност да си ги подготват своите апликации и да ги достават до Фондот, рече Деспотовски.

Со зголемувањето на буџетот за ко-финансирање со ребалансот на Буџетот и одобрување на дополнителни 7,5 милиони евра на првичните пет милиони, како што кажа, бројката од 30 првично одобрени проекти во првиот бран од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции (КОИ), во моментов ја достигна бројката од 62 компании, односно 90 отсто од искористеност на предвидениот буџет во вториот бран.

-Во тек е разгледување и на аргументите што дел од компаниите ги доставија до Комитетот, а се однесуваат на добиените забелешки и коментари кон проектните апликации. Со завршување на овој процес, се очекува уште 10 – 15 компании, исто така да добијат можност за ко-финансирање на проектните апликации, со што буџетот на јавниот повик ќе се искористи 100 отсто, посочи Деспотовски.

Компаниите кои добија позитивен одговор од КОИ во првиот и вториот бран, преку реализирање на проектите предвидуваат инвестиции од вкупно 16,88 милиони евра од кои сопствено учество од вкупно 5,646 милиони евра. На поддржаните проекти ќе бидат ангажирани вкупно 769 лица од кои 360 нововработени со просечна плата од 698,60 евра по вработен.

Во вториот бран 75 отсто од компаниите се нови корисници, додека 16 проценти се компании кои биле одбиени на претходни повици на ФИТР, а сега повторно аплицирале со подобрени проекти, а девет отсто се компании кои веќе добиле средства од Фондот на некој од претходните повици. Од поддржаните проекти најголемиот дел доаѓа од ИТ секторот, образование, електроника и електротехника, технолошка индустрија, текстилна и кожна индустрија, машинство, земјоделство, енергија и извори на енергија, здравство, градежништво и екологија. Од 62-та апликанти 44 се компании од Скопје, по три од Штип, Гевгелија, Битола и Охрид, две од Кочани и по една од Валандово, Прилеп, Тетово, Неготино и Кавадарци.

Во 38 отсто од компаниите апликанти, односно во 24, сопственици се жени. Од компаниите 13 отсто се со старост од една година, а 87 отсто над една година.

Слични содржини