ФИТР: Започнува воспоставување на „FAB LABS лабаратории за производство – Младите создаваат”

од Vladimir Zorba

Со денешното потпишување на договорите започнува воведување на иновациска инфраструктура преку трите проекти на ЦИРКО, ФЕИТ и ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, кои се избрани за кофинансирање во рамките на „Предизвик за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, преку кои ќе се обезбеди пристап до современи технологии за средношколци и млади.

За разлика од поддршката на акцелераторите кои подразбираат иновациска инфраструктура но со фокус на обезбедување менторство и инвестиции, ФИТР преку „ Фаб Лабс”, покрај обуки и менторство ќе обезбеди просторни и технички услови за производство на иновативни решенија, од фаза на идеја до фаза на прототип и тестирање, со можност за мало сериско производство.

„Ме радува што голем број млади луѓе од целата држава ќе имаат можност своите иновации и вештини да ги развиваат во нови и подобри услови. За нас како институција која во континуитет ги поддржува креативците, од големо значење е што индустријата, академската заедница, јавниот и граѓанскиот сектор ќе соработуваат уште поинтензивно благодарејќи на овие проекти. Годинава планираме да поддржиме ваков тип лаборатории и во други градови со цел да им бидат полесно достапни на граѓаните од другите региони”, посочи Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Поради големиот број квалитетни проекти, првичниот буџет од 9 милиони денари беше зголемен со што финансирањето од Фондот изнесува 12 милиони денари а поддржаните институции ќе вложат околу 2,5 милиони денари сопствени средства.

Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО) кој е основан од Машински факултет – Скопје (МФС) ќе ја воспостави „FabLab Skopje”, во која на располагање ќе бидат ставени дигиталните библиотеки на МФС, како и две други лаборатории каде се наоѓаат индустриските 3Д принтери, машините за обработка на полимери, обработка на метали и опремата за испитување на механички карактеристики. Примарна целна група ќе бидат средношколците, студентите и дипломираните млади лица, а како секундарна: професионалците-поединци, компаниите, дизајнерите и креативците, како и наставниците во средните училишта. Предвидена е физичка пристапност и за лица со попреченост во движењето, како и за лица со попреченост во слухот. Планирани се и посебни активности со кои ќе се промовираат техничките науки (STEM) кај женската популација од различни старосни групи.

„ФЕИТ ФабЛаб” која ќе ја воспостави Факултетот за електротехника и информациски технологии-Скопје, ќе понуди основни и напредни курсеви и менторство во повеќе области како што се: моделирање за 3Д печатење и работа со 3Д печатач, практична електроника и вградливи микрокомпјутерски системи, слободен и отворен софтвер и други. Во рамките на лабораторијата ќе продолжат да се организираат: летна школа за дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи, работилница „Технологија за тебе”, студентска програма Innovations in Smart Anything Everywhere – INNO-SAE, РобоМак – меѓународна работилница за роботика и вештачка интелигенција и летна школа за мултимедиски технологии.

Приходите кои ќе бидат обезбедени од средствата добиени преку експертската помош на кадарот на ФЕИТ, како и користењето на лабораторијата од страна на заинтересирани корисници од приватниот сектор кои лабораторијата ќе можат да ја користат како one-stop-shop за свои сопствени развојни и истражувачки потреби, ќе бидат вложени во понатамошниот развој и обезбедување на одржливост на лабораторијата.

Третиот поддржан проект „Inno Fab Lab” ќе го спроведува ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, со што ќе им се овозможи на педесетина креативни средношколци и студенти да се вклучат во работа на конкретни проекти кои ќе резултираат со развој на најмалку шест продукт-прототипи. Лабораторијата ќе биде лоцирана на Технолошко- металуршкиот факултет во Скопје а тимовите ќе бидат составени од 6-8 млади луѓе, со главен предуслов најмалку 40 % од членовите на тимот да бидат девојки. Во текот на четири месечното менторирање, во „Inno Fab Lab” лабораторијата за производство, тимовите ќе имаат можност да ги надградат своите технички знаења и вештини, да стекнат искуство со тимска работа и да научат како да развијат идеја до продукт-прототип.

Слични содржини