Фон дер Лејен: ЕУ сака да формира специјален суд за руските злосторства во Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, денеска изјави дека Европската унија ќе се обиде да формира специјализиран суд, со поддршка на Обединетите нации, кој ќе ги истражи и гони воените злосторства извршени од Русија во Украина.

„Подготвени сме да почнеме да работиме со меѓународната заедница за да добиеме најширока можна меѓународна поддршка за овој специјализиран суд“, рече Фон дер Лејен, пренесе „Ројтерс“.

Како што додаде таа, ЕУ продолжува да му дава поддршка на Меѓународниот кривичен суд, па затоа предлага формирање на специјализиран суд, со поддршка на Обединетите нации, кој ќе ги истражува и гони „злосторствата од агресијата на Русија“.

Украина се залага за создавање на специјален трибунал за кривично гонење на руските воени и политички лидери кои ги смета за одговорни за започнување на војната.

Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг започна сопствена истрага за наводни злосторства против човештвото и воени злосторства неколку дена по почетокот на рускиот напад на 24 февруари, но нема јурисдикција да гони во Украина.

Русија негира дека цивили се цел на нејзините напади.

Слични содржини